Македонија
22. July 2015 - 16:27

Министерот Изаири на состанок на европските министри за животна средина во Луксембург

Во финансирањето на проектите во Република Македонија кои се однесуваат на климатските промени, највисока сума на донации - 34,4 отсто, се обезбедени преку Европската унија и нејзините програми. Обединетите нации преку нивните програми и организации учествуваа со 11,1 отсто во вкупното финансирање, а Глобалниот фонд за животна средина контрибуираше 9 отсто од целокупната финансиска конструкција на проектите.

Oва го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во обраќањето на неформалниот министерски состанок на министрите за животна средина на ЕУ, што се одржува во Луксембург.

Тој ги нагласи досегашните искуства на Република Македонија поврзани со имплементацијата и финансирањето на проекти од областа на климатските промени, наведувајќи ги и активностите кои се предложени во националните документи на државата, а кои се однесуваат на таа проблематика.

Се осврна на заклучоците добиени врз основа на сите 422 анализирани проекти според кои, институциите покажуваат се поголема ангажираност во афирмирањето и превенирањето од опасностите кои ги носат климатските промени и тие се препознаени и се на врвот на агендата на локалната и централната власт; вкупниот број завршени проекти кои директно или индиректно ја подобруваат отпорноста на нашата земја во борбата против климатските промени, е респектабилно висок и сѐ поголемо внимание посветуваме на реализацијата на што поголем број на прекугранични проекти.

Резултатите од следењето на имплементацијата и анализата на добиените конкретни бенефити од имплементацијата на проектите чиј корисник е локалната власт, посочи Изаири, покажаа дека е потребно да се посвети поголемо внимание на енергетската ефикасност, дека е неопходно зголемување на користењето на обновливи извори на енергија, како и дека е потребно создавање на услови за алтернативни начини на превоз.

Според него, поголем акцент мора да се стави на превенција, ублажување и адаптација на ефектите од климатските промени и низа други мерки и активности каде што е идентификуван простор за подобрување на резултатите од имплементацијата на реализираните проекти.

Укажа дека оваа анализа особено се однесува на објектите и инсталациите кои се под контрола на централната и локалната власт.

- Локалните жители преку организирање работилници, со печатење на едукативни материјали и примена на разни стимулативни мерки, треба да се поттикнуваат да бидат проактивни и одблиску запознаени со мерките кои ги предлага и спроведува централната и локалната власт. Бидејки само со целосна посветеност на сите засегнати чинители ќе успееме да ги реализираме нашите заеднички цели, додаде Изаири.

Во однос на економските можности за создавање на работни места поврзани со зелениот развој, министерот истакна дека во македонски услови, во 2030 година може да се очекува отворање на приближно 6000 „зелени“ работни места, а воедно потребно е да се направи и проценка на придобивките од спроведувањето на стратегиите за климатски акции и од воспоставената соработка помеѓу релевантните чинители.