Македонија
26. October 2017 - 15:33

Министерот Адеми во посета на Обединетото Кралство

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кој е во посета на Обединетото Кралство, имаше средби со директорката за проширување за Југоисточна Европа, Фиона Мекилхам, со градоначалникот на Вондсворт, Лесли Мекдонел, а го посети и Литлхамптон, каде што се сретна со македонски граѓани кои живеат во Велија Британија, соопшти кабинетот на министерот.

На средбата со Мекилхам, министерот доби недвосмислена поддршка во процесот на реализирање низа активности и решавање на проблеми по однос на прашањето на дијаспората, како и започнување на процесот на изработка на Национална стратегија за соработка со дијаспората.

Адеми

Министерот Адеми на средбата со градоначалникот на Вондсворт, Лесли Мекдонел начелно се договориле општината да помогне да се обезбедат простории за реализација на активностите на Асоцијација на Македонците во Обединетото Кралство (АМУК). Во Вондсворт, една од 32-те општини во Лондон, живеат преку 2.500 граѓани на Македонија. 

Во рамки на посетата на Литлхамптон, тој се сретна со македонски граѓани кои живеат и работат во Обединетото Кралство. На средбата министерот Адеми ја образложи досегашната работа на македонската влада и ги слушна главните проблеми со кои се соочува нашата дијаспора, се со цел да се преземат чекори за нивно постепено решавање.

Средбите со Мекилхам и со Мекдонел, како и посетата на Литлхамптон министерот Адеми ги оствари во текот на вчерашниот ден, а денеска треба да се сретне со министерот „во сенка” за Европа во Лабуристичката партија, Калид Махмуд. Потоа ќе ја посети изложбата на теракоти од Виница во музеј во Оксфорд, а ќе има средба и со претседателите на здруженијата на македонските државјави во Обединетото Кралство.