Милер: Турција и Русија постигнаа договор за изградба на „Турски поток“

Турција и Русија денеска постигнаа согласност за потпишување на договор за изградба на гасоводот „Турски поток“, соопшти претседателот на Управниот одбор на рускиот енергетски гигант „Газпром“, Алексеј Милер.
Како што јави ТАСС, договорот ќе биде потпишан по вечерашната средба меѓу претседателите на Турција и Русија, Реџеп Тајип Еродган и Владимир Путин во Истанбул.
Милер нагласи дека со договорот се предвидува да бидат изградени две линии на гасоводот од Русија преку дното на Црното Море, до Турција.
Според Милер, изградбата на гасоводот би требало да заврши до декември 2019 година.
Најавата за изградба на „Турски поток“ дојде откако пропадна проектот „Јужен Поток“, преку кој природен гас од Русија преку дното на Црното Море, требаше да се пренесува до Бугарија. Откако, овој план пропадна во 2014 година под притисок на ЕУ, „Газпром“, кој е носител на проектот за изградба на гасовод кон јужна Европа кој би ја заобиколувал Украина, ја промовираше идејата за „Турски поток“.
Меѓутоа, овој проект беше замрзнат по кризата во односите меѓу Москва и Анкара, поради соборувањето на рускиот воен авион од страна на турските вооружени сили над границата со Сирија во ноември минатата година.
Со нормализацијата на односите меѓу двете земји во текот на летово, започнаа да доаѓаат и најави за возобнова на проектот за изградба на „Турски поток“.
Предвидено е морската траса од гасоводот по дното на Црното Море да биде долга 910 километри, а копнениот дел да изнесува 180 километри, Изградбата на „Турски поток“ се проценува да чини 11,4 милијарди евра.
Со планот се предвидува и изградба на втора етапа од гасоводот, која од Турција би продолжувала кон Грција и потоа кон балканските земји и јужна Италија.
Ердоган денеска во обраќање на Светскиот енергетски конгрес во Истанбул изјави дека изградбата на втората етапа од гасоводот ќе зависи од условите на европскиот пазар за природен гас.
Ново на Сител
-

Три малолетни девојчиња нападнати од четири женски лица во Аеродром
-

Општина Струга не може да го продаде „аудито“ на Мерко од 67.000 евра поради стар долг
-

Малолетници нападнале 15-годишник во Скопје, еден од нив пукал со пиштол кон него
-

МНРиНТ: Досега реализирани четири летови за евакуација на граѓани од Блискиот Исток, превезени вкупно 458 патници
-

Семејството ја пријавило за исчезната, познат идентитетот на пронајдената жена во Вардар
-

15-годишен чирак со остар предмет го нападнал синот на газдата на берберница во Арачиново
-

ИДФ го погодиле нуклеарниот комплекс Телеган, крај Техеран
-

Опожарени три возила на паркинг во Ново Лисиче
