Македонија
8. јуни 2019 - 16:32

Милчин и Мјаку добитници на наградата за животно дело на 54-от фестивал ,,Војдан Чернодрински‘‘

Во наредните 8 дена Прилеп ќе живее со и за театарот. Синоќа беше отворено 54-тото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ на кое ќе има 8 претстави во официјалната конкуренција. Награди за животно дело годинава добија Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.

„Наградите се секогаш пријатно изненадување доколку не ги сфатиме како нешто што треба да не промени. Наградата е убава работа, ама таа не значи точка, таа две точки и после следи уште нешто, уште некоја претстава. Театарот е живот и тој не завршува со наградите“, истакна Владимир Милчин, режисер.

„Оваа награда која што се доделува вечерва има една посебна тежина затоа што таа доаѓа од колегите. И мислам дека ми е подрага отколку некои награди што сум ги добил од т.н. стручни жири комисии, каде одлучуваат 2-3 луѓе“, додаде Бајруш Мјаку, актер.

Фестивалот го отвори „Макбет“ на МНТ, но невообичаено досега тој започна со концерт на Влатко Стефаноски.

„Голем дел од мојата музика или настанала како театарска музика или била користена во разни театарски облици и разни намени. А вечерва ќе отсвирам премиерно и една нумера која ја направив за една претстава за МНТ“, рече Влатко Стефаноски, музичар.

Новитет оваа година е тоа што се воведува награда од публиката. После секоја претстава ќе има тркалезна маса на која може да присуствува која сака и да дава критики и оценки за претставата. На тркалезните маси ќе присуствуваат и актерите.

„После секој разговор на тркалезна маса, ќе бидат во меѓувреме избројани гласовите, заедно со претставници од театарот од каде што доаѓа претставата и ќе може веднаш по завршување на тркалезната маса да се соопшти, по принцип на проценти, колку проценти има добиено таа претстава“, истакна Катарина Хаџи Василева, уметнички директор на фестивалот.

Публиката е презадоволна што конечно освен жирито и таа ќе има право на глас.

„Ние во Прилеп имаме критична маса која е во состојба да оцени и мислам дека е многу важно да има награда од публиката. И конечно да видиме дали еднаш ќе се усогласи она стручно жири со мислењето на публиката“, рече една припчанка.

„Јас мислам дека Прилеп има одлична театарска публика и дека редно е публиката еднаш да си го кажи својот глас“, додаде друга прилепчанка.

Фестивалот ќе трат до 15 јуни, а вечер настапува Биитолскиот тетар. Освен претставите во официјалниот дел ќе има и голем број студентски претстави.