Свет
7. February 2025 - 9:27

Мицотакис денеска на Санторини – продолжуваат земјотресите на островот

– Серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос продолжи и во текот на ноќта, меѓутоа со помал број потреси од над четири степени според Рихтер, иако утрово беа регистрирани два последователни со јачина од 4,2 и 4,8 степени, додека денеска островот ќе го посети грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас говорејќи за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека е мала веројатноста да се исполни сценариото за земјотрес со јачина од 6 степени, а паралелно ги повика граѓаните да им веруваат само на официјалните научни изјави, бидејќи како што посочи „на интернет се објавуваат невидени работи“.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 4 февруари, биле регистрирани над 7,7000 земјотреси.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово ќе биде на Санторини, а неофицијално ќе го посети седиштетот противпожарната служба на островот, болницата, како и специјалната спасувачка единица.

Поради зголемената сеизмичка активност, вчера, со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција Василис Папагеоргиу, на Санторини е прогласена вонредна состојба до 3 март годинава, а од општина објаснија дека станува збор за „чисто административна одлука со цел забрзување на потребните процедури за преземање итни и ефективни мерки“.

Од понеделникот училиштата на Санторини и соседните острови Иос, Аморгос и Анафи се затворени, а до граѓаните постојат препораки да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат пристап во напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, поради опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.

Најверојатно утре ќе се одржи нов состанок на надлежните комисии во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција за евентуално продолжување или укинување на конкретните мерки.

Интензивните земјотреси на Санторини започнаа во неделата, додека според процените во Грција, во изминатите денови островот го напуштиле над 10,000 лица, а пред сè станува збор за работници кои на Санторини се во пресрет на новата туристичка сезона, но и локално население.