Мицковски: Жалам што мораше ова да се случи за сите да се освестат дека работите повеќе од три децении биле погрешни
Жалам што мораше ова да се случи за сите да се освестат дека работите повеќе од три децении биле погрешни, вели премиерот Христијан Мицкоски, изразувајќи уверување дека ќе ги коригираат и поразат, како што порача сите мафии кои за жал царувале.
-Поразивме судска мафија, во постапка е т.н. мазут мафија, т.н. енергетска мафија, во постапка или во бегство е т.н. коцкарска мафија, приведена и обезбедена е т.н. улична мафија во Скопје, каде беа повеќе групи и сега на ред дојде и оваа мафија што за жал царувала во Македонија. И таа ќе биде поразена, а потоа ќе следат и други, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, по поставување на камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани.
Наследивме девастиран и урнисан систем, рече Мицкоски, но се трудиме и ќе го доведеме во ред и ќе функционира како што треба.
-Македонија мора да биде пристојно место за живеење, а ние како Влада сме должни да ги обезбедиме сите капацитети на институциите, како на инспекторатите, така и на МВР и на затворската полиција за да може овој систем да функционира беспрекорно, рече Мицкоски.
Прашан за недостигот на инспектори во ДПИ и Трудов инспекторат, Мицкоски порача дека сето она коешто е потребно ќе го направиме, вклучително и вработување.
Во однос на обвинувањата од опозицијата за селективност во истрагата, Мицкоски рече дека паушалните политички квалификации треба да се поткрепат со докази.
-Затоа го оправдувам Јавното обвинителство да работи, што би рекле од опозициската СДСМ неселективно и за секој што постои основано сомневање, не само сега, туку и во минатото, што имал било каква улога и извршувал каква било функција и во најмал можен начин бил вклучен во овој или слични случаи да биде санкциониран, изјави Мицкоски.
Во однос на обвинувањата од ДУИ за политички прогон во истрагата во Кочани, Мицкоски изрази жалење што ДУИ не излезе од, како што рече, системот во кој е повеќе од 22 години и не им даде барем едно извинување на граѓаните, наместо политизација и етнизирање на случајот.
-Наместо да изрази сочувство, човечки и да се вклучи во истрагата и да помогне тие се обидоа овој случај да го политизираат и етнизираат, односно да се обидат на глодарски начин да добијат некој политички поен на несреќата на овие невини жртви. Можам да кажам само нека им служи на чест, а ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да се бориме против ваквото девијантно однесување, изјави Мицкоски.
Ново на Сител
-
Павловски: Македонија треба да биде прва во Европа по крипто бизнисот за да се развие
-
Таравари го свика партиското раководство
-
Тема на денот со Крис Павловски
-
Таравари на излезна врата - Ќе го следат ли сите пратеници
-
Кошта во посета на Западен Балкан
-
Напредок има, но другите земји растат побрзо од нас - Корупцијата е најголем проблем!
-
Пресудата за пожарот во модуларната болница во петок
-
ВМРО-ДПМНЕ: Зошто Филипче молчи за златната виза?