Македонија
17. March 2025 - 17:32

Мицкоски: Само 12 ноќни клубови легално работат во државата, се ќе затвориме

Ноќниот живот во Македонија е во целосна илегала. Само 12 локали имале лиценца за работа како ноќен клуб кабаре. Со оглед дека ваквата лиценца е со важност од само една година, прашање е  дали и овие 12 се со важечка лиценца. Премиерот најави безмилосна битка и затворање на сите кои работат на диво. 

Концертот во Кочани се одржал на диво, во штала во која немало ниту минимум услови за да се нарече некаков клуб кој собира гости. Министерот за внатрешни рече дека клубот Пулс не бил во регистарот за лиценци на надлежното министерство за економија. 

„Утврдено е дека правното лице што ја работело дискотеката нема лиценца за работа. Сопственикот на дискотеката ‘Пулс’ при контрола на надлежните органи на 13 март 2024 година приложил фалсификувана лиценца. Таа е издадена од Министерството за економија и во регистерот оваа дискотека нема важечка лиценца“

За кобниот настан не било воопшто пријавено дека ќе се користи пиротехника иако согласно законот кој е  во сила уште од поранешната сојузна држава, јасно е наведено дека се бара задолжително пријавување во полиција. Закони има за секој еден елемент кој бил злоупотребен за овој локал, но регулативата е со дузина слабости. Лиценца за дискотека може да се добие само со пополнување на една пријава која сопственикот сам ќе ја потпише дека ги исполнува минимално техничките услови за работа. Овој документ не предвидел дека е потребен градежен документ од овластен проектант. Процедурите за лиценца се дотолку олеснети што во суштина се заобиколуваат сите строги критериуми за безбедност па така во државата има огромен број на клубови кои се сместени во куќи, згради, подрумски простории на деловни објекти, мини трговски центри, бараки во густо населени места. 

Со наједноставно штиклирање се потврдува дека објектот е трајна или монтажна градба, дали има приклучок за вода, дали има вентилација, дека објектот има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од над 100 гости, помошни излези и дека е оддалечен во радиус од најмалку 300 метри воздушна линија од станбени објекти. На сето ова сопственикот става само потпис дека податоците се вистинити. Не се бара приложување на никаков валиден документ како  имотен лист, проект ниту елаборат за противпожарна заштита. 

Дискотеката Пулс функционирала целосно спротивно, сместена е измеѓу објекти во тешко пристапен простор, налик  руина со стар и азбестен покрив.