Македонија
11. July 2024 - 12:19

Мицкоски: Сакаме да бидеме добри соседи но не со свиткана кичма

Сакаме да соработуваме и да бидеме добри соседи, но времето на свиткани кичми помина. По средбата со бугарскиот колега на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, македонскиот премиер вели дека Македонија не сака да биде заложник на минатото.

Бугарскиот премиер вчера потврди дека со Мицкоски се согласиле дека треба да се релаксираат односите меѓу двете земји но дека за Македонија, остануваат обврските за внесување на Бугарите во Уставот.

Зошто Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот премиер Главчев?, прашаа од СДСМ утрово

Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на преговарачката рамка? Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката? – се вели во реакцијата на опозициската партија.

Мицкоски е популарен и во Грција каде локалните медиуми бројат колку пати во неговите изјави го користел името Македонија.

Но балканските проблеми не се популарни во НАТО алијансата. Најмоќниот воен сојуз очекувано е фокусиран на Украина поради што го зајакнува источното крило додека во меѓувреме не ги крие грижите од се поблиските врски меѓу Пекинг и Москва

Самитот во Вашингтон продолжува и денеска а ќе биде затворен со советот НАТО – Украина.