Македонија
18. April 2021 - 17:16

Мицкоски: Ова е тероризам, а не 27-ми април

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го нарече тероризам доаѓањето на двајцата пратеници позитивни на Ковид-19 во Собранието и најави дека нивната пратеничка група ќе поднесе кривични пријави.

-Пратеничката група на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои денес го прекршија законот поради инаетот и фрустрацијата на еден човек, а обвинителството има можност првпат да покаже дека не се робови на Зоран Заев и владиното мнозинство. Правда ќе има со ова или некое друго ослободено обвинителство. Сторителите ќе одговараат, Ви ветувам лично дека тие ќе одговараат од прв до последен, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Тој го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да застане зад правото и Уставот.

– Застани зад правото, законите и Уставот. Тоа што Заев дозволил да биде заложник на Талат Џафери, тоа што пратениците од СДСМ одлучија да бидат слуги на инаетот и фрустрацијата на еден човек, нека биде нивен срам, ти имаш можност барем еднаш да покажеш дека си достоен за функцијата која ја извршуваш и не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница, напиша Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека денешните случувања се тероризам, а не оние од 27 април.