Македонија
7. July 2018 - 16:21

Мицкоски: Околностите се менуваат се уште нема дефинитивен став околу референдумот

Реков дека на референдумот ќе гласам против, но сега околностите се променети, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за порталот Магазин најавувајќи дека конечниот став за тоа како неговата партија ќе се постави на најавениот референдум се уште не е дефиниран

„ВМРО ДПМНЕ во однос на самиот референдум има став кој е соопштен, но воедно гледаме како околностите се променуваат и има многу дилеми како ќе настапиме, што ќе превземеме, дозволете тука да останеме воздржани во соопштувањето на нашите чекори. Променливи се околностите, и многу работи не се дефинирани на пример кое ќе биде прашањето, каков ќе биде референдумот, кога и дали ќе се распише…Ние имаме план имаме ставови и кога ќе дојде време ќе соопштиме како ќе дејствуваме.“ – вели Мицкоски за Магазин

Од ВМРО-ДПМНЕ најавувајќи го утрешниот протестен митинг во Струмица денеска преку прес конференција порачуваат дека ќе застанат на браникот на националните интереси, обвинувајќи го премиерот Заев дека деталите за референдумот македонските граѓани ги дознаваат од грчките медиуми

Од СДСМ уште вчера преку писмено соопштение ја обвинија опозицијата дека постојано ги менува ставовите околу референдумот. Од Бихаќка му порачаа на Мицкоски наместо како што велат да шири лаги за Договорот со Грција, да ги повика своите поддржувачи да излеат на референдум. Од власта уште еднаш го повикаа и Претсдателот Иванов да го потпише указот за ратификација на договорот.
Во кабинетот на Иванов ништо ново. Претседателот вчера само уште еднаш ја потврди својата позиција дека нема да го потпише договорот за кој смета дека е штетен и спротивен на Уставот порачувајќи дека притисоците врз него нема да дадат резултат.
Официјална Атина будно го следи развојот на настаните во Македонија. Портпаролот на грчката влада вели дека се надева на позитивен исход на референдумот во Македонија, најавувајќи дека Ципрас планира да го прошири мнозинството во пресрет на гласањето на Договорот изразувајќи надеж дека повеќе пратеници од опозицијата ќе дадат поддршка во грчкиот парламент.