Македонија
1. September 2019 - 16:55

Мицкоски најавува убедлива победа на избори

Опозицијата е убедена во победа на следните парламентарни избори.

Според Мицкоски, власта на СДСМ ја пустоши Македонија. Лошите политики во комбинација со криминалот, според опозицискиот лидер гарантираат дека граѓаните повеќе нема да му ја дадат поддршката на Заев.
Во екот на преговорите на работните групи во врска со новиот закон за јавно обвинителство, Мицкоски вели дека неговата партија не отстапува од своите позиции.

Премиерот Заев на стартот од викендот во брифинг со новинарите ја отфрли можноста Законот за јавно обвинителство да се менува со интервенции во Законот за советот на јавните обвинители. Од неговата партија остануваат на ставот дека капацитетот на СЈО треба да се задржи, оставајќи простор работните групи да најдат заедничко решение.

Измените на законот за јавното обвинителство во четвртокот влегоа во собраниска процедура. За 15 минути, власта  одобри десетина амандмани кои работните групи ги договорија во текот на преговорите по што комисијата за европски прашања беше прекината со најава дека ќе продолжи тогаш кога ќе има усогласување на ставовите.

Власта и опозицијата не се согласуваат околу персоналниот состав на новото обвинителство но и за судбината на предметите на СЈО кои се во судска постапка. Дополнително, шефицата на СЈО е во притвор и против неа е почната постапка за разрешување од страна на Советот на јавни обвинители поради нестручност и несовесност.