Македонија
26. May 2023 - 16:37

Мицкоски: Милиони евра од авансите за автопатите ќе завршат во приватни џебови, а потоа и за поткуп на изборите

Специјалисти во изградбата на коридорите ќе земаат повисока плата и од американскиот претседател. Според договорот со Бехтел и Енка, власта се обврзала да ангажира и плати најмалку пет вакви специјалисти, но горна граница не е дефинирана, што значи може да се 50, па и 100 лица, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„На изведувачот ќе му се плаќа 36.500 евра месечно или пропорционално за дел од тоа, вклучувајќи ја целата плата, сместувањето и другите трошоци поврзани со персоналот, по лице.“

„Патните трошоци ќе се надоместат како што е договорено од работодавачот. Бројот на персоналот ќе биде предложен од изведувачот и договорен од работовачот.“...стои во договорот, за кој, од партијата велат дека го добиле од свиркачи. 

Владата уверува дека автопатите ќе бидат готови за 5 години, па така ако еден човек се ангажира за тој временски интервал, само тој би го олеснил државниот буџет за 2 милиони и 190 илјади евра. А ако се ангажираат најмалку 5 лица, колку што минимум треба да се ангажираат, тие би земале дури 11 милиони евра. Овие пари се надвор од предвидените 1 милијарда и 300 илјади евра, тврди опозицијата. Специјалистите ќе имаат 4 работни задачи.

„Изработка на оцена на влијанието врз животната средина и социјалната средина, специјалистички совети и помош во врска со локалитетите на светското наследство на УНЕСКО и археолошките локалитети на Охридскиот регион, преглед на спецификацијата на автопатот.“

За Мицкоски ова не е епски проект, туку епски криминал.

„Јас сум убеден, не само што оваа влада нема капацитет да го заврши овој проект, туку сум убеден дека дел од авансите кои што сега пред избори, на трчање се префрлаат, се обид да завршат во приватни џебови, а потоа од таму да се влијае со поткуп врз гласачите за време на изборите кои што следат, и претседателски и парламентарни.“ – Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Од Владата не демантираат дека специјалистите ќе земаат над 36 илјади евра плата секој месец, но велат тоа нема да бидат дополнителни трошоци.

„Стручните лица ќе работат како поддршка на државата и ЈПДП. Тие ќе координираат за да нема застој на проектот. Ангажманот за стручните лица е составен дел од Договорот. Од вкупната цена на чинење на Договорот која што ја соопштивме нема да се потрошат дополнителни финансиски средства за нивниот ангажман.“

Вчера првата антикорупционерка во дневникот на Сител рече дека не го добиле целиот договор со американско-турскиот конзорциум и дека ДКСК ќе биде фокусирана на делот кој создава финансиски обврски за државата.