Мицкоски: Македонија со Заев доби капитулантски договор за смена на името, но не и датум за преговори
Ова се тажни и тешки денови за Република Македонија.
Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија.
Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што впрочем ветуваше Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат целосно критериумите за определување на датум за преговори.
Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано.
Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија и тоа веднаш.
На надворешен план имаме распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план економско цунами.
Владата е едно големо фијаско која нижи само порази.
Зоран Заев направи чекори за отстапки со кој се согласи за бришењето на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо, иако ветуваше светла иднина и подобар живот и тоа веднаш.
Разбиена е уште една голема лага.
Имаме влада која го одзема достоинството на народот, но и не овозможува подобра и пооптимистичка иднина.
Уште од почетокот велев и сега тоа се потврдува дека пристапувањето кон Европската Унија е работа на мерит систем, односно се вреднува сработеното, а не по работите кои ќе се пропуштат или тргуваат.
Капитулантскиот договор со Грција нема да им ја заврши домашната работа и да го подобри животот на граѓаните, тој нема да ја направи помалку корумпирана владата и нашето општество ниту да го подобри стандардот на граѓаните. За тоа е потребна работа каква не видовме во период од една година од оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ.
Не може да се отворат портите кон Европската Унија, а да бидете прогласени за најкорумпирана држава во Европа, држава со најмал економски раст, и со судство кое поради политизираноста колабира, а полицијата масовно се злоупотребува.
Затоа што со извештаите за корупција која е од најниско до највисоко ниво, и во самата влада, како што е потенцирано со извештајот, нема да се сокријат шарените лаги на Зоран Заев и ветувањата за некаква подобра иднина која нема никогаш да дојде со оваа влада.
Имаме период на соочување со реалноста. Се рушат сите лажни очекувања на владата. Државата со Владата на СДСМ доживува само порази. Иако луѓето од власта ги гледаме со вештачки насмевки, со изнасилена еуфорија, целиот овој театар нема поразот да го претвори во победа. Затоа што граѓаните и без да има некаков извештај знаат дека живеат лошо, и затоа што целата држава живее со последиците и поразите од оваа влада. Нема човек кој е задоволен, и живее подобро било да е во образованието, земјоделието, јавната администрација, бизнисот, или здравството, пензионерите, младите кои што се најмногу погодени кои веќе не ја гледаат иднината и си заминуваат.
ВМРО-ДПМНЕ ја даде целосно поддршката за системските закони кои беа од значење за европската интеграција на државата, и кога станува збор за европската перспектива ќе продолжиме конструктивно да делуваме, затоа што тоа го прави одговорна опозиција и затоа што ние сме поразлични од се она што порано го правеше СДСМ. Но главната домашна задача е во рацете на Зоран Заев и владата. Неуспехот во исполнување на планот 3-6-9 нема да може да се покрие со капитулантскиот договор на Зоран Заев кои ние никако и никогаш нема да го поддржиме.
Потребни се наместо сеење магла и лажен триумфализам суштински и коренити реформи, наместо власта да се занимава со политички прогони и насилни сценарија да се фати за работа. Она што Македонија го доби со извештајот е следниот јуни, следната година, повторно да се направи преоценка за состојбите и се останато е шарена лага. И единствената надеж е можеби поразличната одлука на Европскиот совет до петок, иако морам да кажам дека шансите се повеќе сведени на теории.
Но непобитен факт е дека со оваа влада Македонија има само порази. А, она што на Македонија и треба се победи и многу работа. Изборот за граѓаните во овој момент е спас на кариерата на Зоран Заев или напредок за Македонија!
Кристијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Ново на Сител
-
Силекс лидер во Првата македонска фудбалска лига
-
Одбрано новото раководство на СДСМ: Александар Димитријевиќ нов генерален секретар, избрани потпретседатели
-
Масовна тепачка во скопска кафеана за тоа кој да ја плати сметката
-
Крадец влегол во домот на скопјанец и украл парчиња накит, потоа го нападнал и сопственикот
-
Измамен 54-годишен за 730 илјади денари, му кажале дека има 15.000 долари заглавени во банка
-
Тешка сообраќајна несреќа на магистралата Гостивар – Кичево
-
Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски
-
Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, смета претседателот на МАНУ