Македонија
27. May 2020 - 13:40

Мицкоски: Има разговори, но не и договор за датумот за избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека датумот за одржување на изборите треба да се донесе со консензус. Не потврди дека 5 јули е можен датум за избори околу кој би се согласиле политичките партии, но рече дека има канали за разговори помеѓу нив. Повтори дека ставот на партијата е оти здравјето на граѓаните е најважно и дека избори треба да се одржат кога тоа нема да биде загрозено.

Нашите позиции поврзани со предвремените парламентарни избори, рече, македонската јавност ги знае, како и нашата позиција дека компромис треба да се постигне за интересот на граѓаните и државата, но не по цена  на здравјето на граѓаните.

-Канал на комуникација постои. Јас не би сакал дополнително да коментирам во врска со каналот за комуникација кој постои бидејќи, како што реков, не сме сите исти и не се занимаваме сите во ваков тип брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор ние ќе и го соопштиме на јавноста, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Датумот, посочи тој, треба да биде одреден во консензус на сите политички парии кои седеле на маса уште при првата лидерска средба што тој ја организирал без разлика што во меѓувреме содржината на масата се видоизменила и дел од тие кои беа на таа маса сега се во коалиција.

-Ние стоиме на тој принцип и не бегаме од него. Исто така, стоиме на принципот дека секоја вонредна состојба е потребно да се носи со консултација со политичките партии иако за време на втората вонредба состојба тој принцип беше напуштен од страна на Владата и претседателот Пендаровски, рече лидеротна ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека вонредната состојба му послужила на Зоран Заев да донесе нова уредба да се обиде да ги поткупи граѓаните и нивната поддршка за изборите.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на избори ако Владата одлучи да ги организира на 21 јуни, како што најавува доколку не биде постигнат договор, Мицкоски истакна дека партијата нема да учествува во таков изборен процес.

-Ние сме го кажале нашиот став по тоа прашање. Консензус треба да има. Кога е носена уредбата немаше консензус бидејќи нашиот претставник во ТВ беше воздржан и не ја поддржа истата уредба. Ако тие ценат дека така треба да менаџираат со државата тогаш нека им е со среќа изборниот процес, рече Мицкоски.