Македонија
9. February 2021 - 19:56

Мицкоски е уверен дека предвремени избори ќе има, власта му возврати дека е познат губитник

Кинескиот ѕид и предвремените парламентарни избори се единствените две работи кои во моментов се гледаат од месечината. Опозицискиот лидер Мицкоски е убеден дека крајот на оваа Влада доаѓа многу брзо и покрај ставот на премиерот дека 4 години не треба да има избори. 

Мицкоски побара повеќе време пред да се официјализира трансферот на пратеници од власта кон опозицијата кој според лидерот на опозицијата ќе се случи многу брзо. Мицкоски не прецизираше дали тоа ново мнозинство кое го најавува во Собранието ќе продолжи да владее или веднаш ќе оди кон распишување на предвремени избори.

И да се качи на месечината, Мицкоски нема да избега од поразите и киминалите на неговата партија, вратија од СДСМ во писмено соопштение.

„Христијан Мицкоски е докажан губитник, предводник на докажано криминална и режимска партија. И на месечината да се качи, космонаутот Мицкоски нема да може да избега од поразите и криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните знаат дека во ВМРО-ДПМНЕ силно е присутна криминално-режимската матрица и затоа оваа партија е шест пати поразувана на избори и затоа уште долго ќе остане во опозиција“ – стои во писменото соопштение на СДСМ

Премиерот Заев веќе ја одби понудата за предвремени избори заедно со локални аргументирајќи дека изборите го запираат растот на економијата. Но неговиот став нема да значи ништо ако опозицијата успее да обезбеди поддршка од само 3 пратеници во Собранието кои би го дигнале зелениот картон и би гласале за недоверба на Владата.