МФ: Статистика вообичаено прави корекции за БДП
Вообичаено е статистика да прави корекции на податоците. Ова е ставот на Министерството на финансии откако државната статистика објави дека падот на економијата лани е многу подлабок од очекуваното. Претпоставките беа дека економијата паднала 4,5%, а според заводот падот изнесува 6,1%.
„Во однос на податокот за остварениот економски раст за 2020 година, ДЗС има направено надолна корекција на истиот и е прелиминарен податок. Притоа напоменуваме дека ваквите корекции се вообичаена практика се до објавување на финалните податоци. На пример за 2019 година имаше нагорно ревидирање од 3,2 на 3,9% раст на економијата“.
Сите квартали лани биле полоши од тоа што првично беше објавено. Првиот квартал не завршил со раст од 0,9%, туку со негатива од 1,3%. Состојбата била најлоша во вториот квартал кога наместо 14,9%, економијата паднала за 16,4%. Разликата е најголема во третиот квартал. Лани статистика објави дека тогаш падот изнесувал 3,3%, а всушност минусот изнесувал 5,9%. Четвртиот квартал завршил речиси како што беше објавено.
Неизвесноста продолжува и годинава. Посебно ова се однесува на преработувачката индустрија која по растот во првата, во втората половина од годината повторно е во пад. Според германските бизнисмени во земјава состојбата нема да се смени се додека синџирите за набавка не почнат нормално да функционираат.
„Делегацијата на германското стопанство се грижи за германските инвеститори тука. Нивното производство зависи од извозот надвор од државата. Тие зависат во својата работа од глобалниот синџир на добавувачи. Она што е многу важно е да се знае дека нивните клиенти се во Германија, Франција, Австрија и секаде низ Европа и низ светот. Каква е побарувачката таму, од тоа ќе зависи колку и како ќе се произведе тука“, вели Патрик Мартенс, директор на Германското стопанство.
Оваа година треба да заврши со раст на економијата од 4,1%, и од финансии велат дека досегашните податоци се во рамките на нивните прокеции.
-

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар
