Македонија
9. July 2026 - 10:49

МФ: Нови правила за подарувања со Законот за игри на среќа - задолжителна дозвола и утврдени услови за организирање

Задолжителна дозвола за организирање подарувања (giveaway), надоместок за нивно приредување, јавно објавување на правилата и резултатите, како и јасно утврдени рокови и услови за организирање, се дел од новините што ги воведува новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, кој почнува да се применува од 14 јули.

Како што соопштуваат од Министерството за финансии, целта на новото законско решение со кое за прв пат се воспоставува регулирана рамка за приредување на подарувања (giveaway), е да се утврдат јасни правила, обврски и услови за организаторите, како и поголема транспарентност и правна сигурност за учесниците.

- Согласно новото законски решенија, за приредување giveaway задолжително ќе се издава дозвола, која се добива по поднесување барање до Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред денот определен за започнување на играта.
Доколку организатор на подарувањето е трговец- поединец, кон барањето за издавање дозвола доставува правила на подарувањето, докази за потеклото на наградите, документ за регистрација издаден од Централниот регистар, информација за економско-финансиската состојба врз основа на последната годишна сметка, доколку вршел деловна активност, доказ за платен надоместок за поднесување на барањето во износ од 100 евра во денарска противвредност, како и доказ за подмирени јавни давачки по основ на даноци, царини и придонеси - појаснуваат оттаму.

Доколку организатор е трговско друштво, покрај наведената документација за трговец-поединец, кон барањето задолжително доставува и документ за регистрација издаден од Централниот регистар, како и потврди од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна забрана за добивање или одземање дозвола за приредување игри на среќа, ниту привремена или трајна забрана за вршење на дејност за приредување игри на среќа.

-  Доколку барањето го поднесува трговско друштво во име и за сметка на друго трговско друштво, потребно е да се достави документацијата што се однесува на трговското друштво во чие име и за чија сметка се поднесува барањето.
Законот воведува и обврска организаторот да плати надоместок за приредување на играта во висина од 18 проценти од вкупната вредност на фондот на наградите. Надоместокот се плаќа пред започнување на играта, во рок од три дена од приемот на дозволата, а доколку не биде уплатен во законскиот рок, дозволата се одзема - дополнуваат од министерството.

Новина е и тоа што правилата на играта задолжително треба јавно да бидат објавени пред започнување на подарувањето, а резултатите, односно добитниците, да бидат објавени најдоцна во рок од три дена од денот на извлекувањето или определувањето на добивките. Паричните и стоковните награди мора да бидат исплатени, односно преземени, во рок утврден со правилата на играта, кој не може да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите.

- Со Законот детално се пропишува и содржината на правилата на играта. Тие задолжително треба да содржат податоци за организаторот, производите или услугите што се рекламираат, условите за учество, времетраењето на играта, начинот на извлекување и определување на добитниците, вредноста на наградите и вкупниот награден фонд, начинот на нивно доделување, постапката за приговор, како и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства - посочуваат оттаму.

Воедно, се наведува дека времетраењето на една игра на среќа од типот giveaway не може да биде подолго од една година.

Со новиот Закон, исто така, за првпат се воведува законска дефиниција за подарување (giveaway). Тоа претставува игра на среќа во која влогот за учество се состои од активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а која се организира од трговско друштво или трговец поединец заради рекламирање на производи или услуги, на вообичаен или електронски начин, преку интернет, мобилни уреди или други платформи.

- Законот ги дефинира и поимите „лајкување“ и „тагнување“ како влог за учество во овие игри на среќа. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето претставува означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта - наведуваат во соопштението.

Со воспоставувањето на овие правила, според МФ, се создава единствена законска рамка за организирање на giveaway активности, се утврдуваат јасни обврски за организаторите и се обезбедува поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците при приредување на ваков вид игри на среќа.

 

МИА