Македонија
3. August 2017 - 14:28

Метео аларм: Бремените жени и лицата над 60 години да се ослободат од работни обврски

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги потсетува работодавачите на нивната обрска за почитување на препораките за заштита на работниците, а во врска со најавите за неповолни временски услови и многу високи температури во наредните денови.

По одржаниот состанок на Комисијата за топлотни бранови, се препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавачите им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Исто така, препорака е да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Прекршувања на препораките од страна на работодавачите може да се пријавуваат и кај дежурниот инспектор кој ги координира екипите низ државата на  075 402 856, информкираат од МТСП.