Свет
12. September 2020 - 13:43

Меркел: Неверојатна е храброста и одлучноста на мирните демонстранти во Белорусија

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска остро ја искритикува Белорусија, изјавувајќи дека во неа се погазува залагањето за демократија.

Меркел смета дека е неверојатна храброста и одлучноста на мирните демонстранти во оваа земја.

Во својата редовна неделна видео порака, Меркел се осврна и на Меѓународниот ден на демократијата, што ќе се слави во вторник, и ги повика граѓаните секојдневно да бидат свесни  за постигнувањата на демократијата.

Таа  оцени дека демократијата, за жал, не е нешто што се подразбира насекаде низ светот.

-Авторитарните системи, исто така, можат да бидат економски успешни, но на штета на основните основни права. Тоа не е нашиот европски пат, истакна Меркел.

Таа, исто така, порача дека многумина ограничувањата поради пандемијата на коронавирусот ги сметаат за товар врз демократијата и додаде дека разбира одредени критичари.

Таа истакна дека сите во Германија можат да ги критикуваат одлуките на владата и да ги изразат на мирни демонстрации, потсетувајќи дека владеењето на правото е високо.

-Меѓутоа, широко дискутираните мерки делуваа и остануваат важни, подвлече Меркел, додавајќи дека фактот дека огромното мнозинство граѓани ги применуваат мерки за заштита на послабите е израз на единство, со што таа е посебно горда.