Балкан
8. July 2015 - 22:00

Меркел и Вучиќ: Имигрантите предизвик и заеднички проблем

Германскиот канцелар Ангела Меркел оцени денеска дека Србија се наоѓа пред голем предизвик поради проблемот со имигрантите, дека во Европската унија се води дискусија за тоа, но напомена оти поради бранот бегалци не би требало да се креваат ѕидови, јави Танјуг.

- Моменталниот режим кој го имаме во Европа повеќе не функционира, изјави Меркел на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ. 

Таа нагласи дека најголем број од имигрантите пристигнуваат во Србија преку Грција од Сирија и додаде дека Србија станала транзитна земја.

- И во ЕУ се води дискусија за тоа, никого нема да оставиме сам, рече Меркел, која вечерва пристигна во Белград.

Таа наведе дека преголем товар паѓа на мали земји како што се Србија и Унгарија. 

Вучиќ изјави дека Србија поради имигрантите немаа да подига ѕидови бидејќи тие не се решение.

- Разговарав со Орбан и не успеав да го убедам околу подигањето на ѕидот, рече Вучиќ и укажа дека е важно заеднички и превентивно да се работи на овој проблем.

Според него за решавање на овој проблем потребна е помош од Германија и ЕУ.

- Ние не сме научени да се жалиме, но и ЕУ и Германија знаат колку е голем овој проблем. Тоа е заеднички проблем, порача премиерот на Србија. 

Германската канцеларка порача дека Србија може да смета на поддршка на Берлин кога станува збор за дијалог со Приштина и нагласи дека подготвеноста на српската страна на компромис ќе биде земена предвид при отварањето на поглавјата од преговорите. Таа додаде дека прашање на време е кога поглавјата ќе бидат отворени.

Таа истакна дека подготвеноста на Србија на компромис кога станува збор за дијалог со Приштина не била секогаш случај во изминатите години.

- Можете да сметате на поддршката од Берлин. Гледаме дека моментално постои голема подготвеност од српска страна. Тоа ќе го истакнеме за време на дискусијата внатре во ЕУ. Тоа не беше секогаш така во текот на изминатите години, но сега ситуацијата е таква и ние тоа позитивно ќе го оцениме, рече Меркел.

Таа на прес-конференцијата со Вучиќ позитивно ги оцени и реформите кои Србија ги презела и порача дека тие ги даваат првите резултати, како и дека проценките на ММФ водат во таа насока. 

- Луѓето мораат да ги стегнат ремените, но тие мерки ги даваат првите резултати, а во таа насока оди и проценката на ММФ, рече Меркел и додаде дека тоа покажува дека српското стопанство работи на добра основа.

Вучиќ напомена дека економската политика што ја води Србија е во интерес на српскиот народ и додаде дека Германија е доверлив партнер и оти од неа Србија очекува поддршка. 

- Ние избравме тешки мерки, бидејќи во полесните решенија нема добри резултати. Грција е наш пријател, но економските мерки и економскиот пат, кој го избравме е поинаков и уверен сум дека ќе донесат добри резултати за Србија, рече Вучиќ.