Македонија
13. July 2015 - 14:48

Меморандум за соработка меѓу Британската амбасада и Министерството за правда

Министерот за правда Аднан Јашари и британскиот амбасадор Чарлс Гарет денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на правниот систем во Република Македонија. 

- Меморандумот содржи два значајни аспекти. Првиот е фокусиран на индикаторите за мониторинг на перформансите на правосудството и судската пракса во македонскиот правен систем. Во рамки на овој проект ќе биде дизајниран сеопфатниот систем на индикатори врз основа на меѓународно признатите стандарди во судството, рече Јашари. 

Министерот за правда информира дека резултатите од овој проект ќе овозможат да се оценува напредокот во областа на правосудството низ призмата на неколку фактори, од кои, како што рече, најважни се квалитетот, непристрасноста, интегритетот, независноста...

Вториот аспект е начинот на унифицирање на судската пракса.- Кај нас судската пракса начелно не е целосно унифицирана, додаде Јашари. Заедничка цел, на Амбсадата и на Министерството за правда, како што рече, е како, на кој начин судските пресуди кога се изрекуваат да бидат пообјективни, потрансапрентни, поквалитетни...

Одговарајќи на новинарско прашање, Јашари појасни дека овој месец имале две средби, со Комитетот за стабилизација и асоцијација во Брисел, а втората во Женева. 

- На тие средби немавме забелешки. Имавме и пофалби во однос на реформите што во текот на оваа година Министерството за правда ги спроведе, рече Јашари.

За Законот за утврдување на фактите, според него, тој бил критикуван зошто по усвојување не бил доставен превод во Брисел.

- Ја добив првичната информација од групата експерти и ги ангажирав службите во правда да направат одредени објаснувања во однос на целта, зошто е изготвен тој закон. Убеден сум дека таа цел ќе биде прифатлива и за ЕК, но и за групата експерти што сега го подготвува законот. И во моментот кога беше предложен законот, целта ни беше да се одвои органот што одлучува, како што е Судскиот совет со предлагачот, во случај кога постојат индиции, факти, докази за дисциплинска одговорност на судиите, истакна Јашари. 

Амабсадорот Гарет нагласи дека двата проекта што ги поддржуваат во Македонија се однесуваат на унифицирање на судска пракса во Македонија и развивање систем кој ќе ја мери успешноста на судството во Македонија. 

- Овие два проекта се многу важни зошто овозможуваат да се создаде еден систем кој ќе биде ставен во пракса и ќе може да работи еднакво за сите засегнати страни во овој широк сектор, рече Гарет. Додаде дека ќе работат со партнерите, македонската Влада, граѓанскиот сектор и ќе помагаат со британска експертиза. 

Лидија Стојкова Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи ги презентира проектите „Поддршка за воспоставување унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ и „Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудниот сектор“, кои ќе ги спроведува во 2015 и 2016 година.