Бизнис
24. February 2016 - 10:02

Меморандум за борба против сивата економија

Пет социјални партнери денеска во Скопје ќе потпишат меморандум за борба против сивата економија со кој ќе се обврзат систематизирано и координирано да се вклучат во борбата против непријавената работа.

Меморандумот ќе го потпишат Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи на Македонија, Бизнис конфедерацијата на Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Со потпишувањето на овој документ, потписниците ќе ги координираат заедничките активности во делувањето против сивата економија преку размена на информации и идеи за справување со непријавената работна сила. Потписниците ќе разменуваат податоци за непријавената работа со Државниот инспекторат за труд, ќе предлагаат мерки за намалување на сивата економија и ќе работат на подигнување на свеста за придобивките од пријавената работа. 

Меморандумот се потпишува во рамки на проектот за поддршка во борбата против непријавената работа кој почна да се имплементира во мај 2014 година од страна на конзорциум предводен од Esep Ltd. Главни корисници беа Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд.