Бизнис
20. July 2015 - 20:51

Мелничарите не ја исплаќаат договорената цена за пченицата

Повеќето мелничари не ја почитуваат договорената откупна цена од 11 денари за килограм пченица. По 11 денари ќе се откупува само пченицата која ги задоволува критериумите за производство на брашно, односно 76% хектолитарска тежина, 2 % примеси и 12 % влажност. Меѓутоа при предавањето на житото, не може на лице место да се утврди количеството на протеините, глутеинот и енергијата.

-Тоа го злоупотребуваат млинарите и ја ценат пченицата 9 или 8 денари, под изговор дека пченицата е неквалитетна, дека е за сточна храна итн-изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Р.М.

Незадоволните земјоделци дополнителни анализи можат да ги направат, во ним најблиските, земјоделски лабаратории. Од друга страна цената на пченицата и брашното ја диктира слободниот пазар, па се случува, како што вели Шаклев, килограм увезено српско брашно да чини 14, 8 денари. За да се заштитат домашните производители, Владата донесе Закон со кој се предвидува покривање на разликата помеѓу производната и продажната цена.

-Имаме такво барање, затоа што очекуваме многу ниски приноси оваа година и претпоставуваме дека производната цена ќе биде пониска од продажната- изјави Шаклев

Висината на надоместокот по килограм откупена пченица ќе се дефинира по завршување на жетвата. Годинава се посеани околу 70 000 ха, што е за 20 000 ха помалку од претходните години. Приносите и квалитетот е намален за што во голема мера продонесоа и неповолните временски прилики.