Македонија
12. September 2017 - 18:55

Мекдоналд: Непристрасност, алтруизам, интегритет предуслови за ефикасна јавна администрација

Непристрасност, алтруизам, интегритет се основните предуслови за ефикасна јавна администрација, изјави денеска постојаниот потсекретар на Министерството за надворешни работи на Велика Британија, Сајмон Мекдоналд.

Тој ова го порача на панел дискусијата во Министерството за надворешни работи, на која беа споделени британските искуства за тоа како јавната администрација се менаџира со промената на владите додека продолжува испорачувањето на услугите на граѓаните.

На панелот учествуваа државни службеници од министерствата и институциите на владата.

- На Велика Британија и требаше многу време за да дојде до сегашното ниво на функционирање на јавната администрација, рече Мекдоналд, потсетувајќи дека британското Министерство за надворешни работи е основано во 1782 година. 

Тој нагласи дека станува збор за 325-годишна традиција на градење на свеста за работењето на јавната администрација и додаде дека Македонија земајќи ги овие искуства може да го прескокне овој временски период и да се фокусира директно на центарот на проблемот.

Тој како прв клучен предизвик за ефикасна јавна администрација ја спомена транспарентноста.

- Државниот службеник треба да биде способен да работи за секоја влада и државните службеници треба да се тренираат за тоа, за сите типови влади, рече Мекдоналд.

Британската администрација за изборите во 2015 година изготивила девет различни сценарија, бидејќи било неизвесно кој ќе биде исходот од изборите, а за оваа година биле изготвени две сценарија. Мекдоналд нагласи дека на тој начин вработените во јавната администрација се подготвуваат и тренираат при евентуаланата промена на власта. 

- Државните службеници не смеат да се плашат од своите министри, треба да се носат со нивната моќ, тоа е есенцијално. Ако на министрите не им кажете што треба да прават, министрите нема да можат да носат добри одлуки, порача Мекдоналд.

Тој го спомена и алтруизмот, како мошне важна особина за државниот службеник.

- Ова е поврзано со идејата дека работите за граѓаните, не работите за себе, за вашето семејство, мора да ја служите јавноста, истакна британскиот дипломат. 

Мекдоналд го посочи и интегритетот, кој треба да го поседува еден државен службеник.

- Не смеете да бидете криминалец, измамник, мора да бидете чесни, ова значи дека не смеете да бидете корумпирани, да примате мито мора да покажете интегритет. Ова не значи дека само светците можат да бидат државни службеници, луѓето се несовршени, но треба да се тежнее кон тие особини, да се има тој професионален интегритет, додаде тој.

Друг предуслов е анонимното натпреварување на кое кандидатите за вработување во јавната администрација на првичните тестирања се пријавуваат анонимно без да се знаат основните податоци  за нив, како име, пол, при што фокуасот ќе биде на одговорите што ги дале. 

Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски истакна дека главен предизвик со кој се соочува во моментов е како да се премине од една кон друга политика.

- Нашата нова политика треба да ги донесе долго очекуваните промени. Ова Министерство е предводник во реформите и реорганизирањето на јавната администрација. Целта е ефикасна, реорганизирана и дигитализирана јавна админисграција, истакна Манчевски.

Тој додаде дека главен предизвик е да се обезбеди непреченост на процесите во државата

- Граѓанскиот и бизнис секторот мораат да продолжат непречено да ги добиваат услугите и покрај ваквите промени на политиките. Се разбира тие предизвици директно се поврзани со државните службеници, нивната професионалност налага лојалност кон институцијата и кон политиките кои ги води државата но пред се лојалноста кон државата, а не кон партијата, тоа нема да го толерираме и тоа време заврши, порача Манчевски.

Пред учесниците се обрати и британскиот амбасадор во земјата Чарлс Гарет, кој во овој контекст го спомена 22 јуни 2016 година, кога во Велика Британија се случи референдумот Брегзит.

Тој посочи дека многумина во Британија не очекуваа дека ќе се случи Брегзит и многумина беа изненадени, но сепак одлуката на народот може да има серозни последици врз државата.

Гарет потенцира дека целокупната насока во која се движела јавната администрација наеднаш била променета. 

- Најдобар механизам за Македонија и новата Влада да се справи со проблемот на „заробена држава“ е независна и професионална администрација, порача Гарет. 

Одговарајаќи на прашање како да се подгигне свеста на вработените во јавната администрација да работат во интерес за граѓаните Манчевски одговори дека е свесен дека тие се слабо платени, дека не се вреднува кариерата, нивните постигнувања. 

- Треба да се мотивираат луѓето да работат, но пари немаме, рече Манчевски и додаде дека во сегашните услови треба да се бараат други механизми, како можност на државните службеници да проштетаат, да им се каже убав збор, да не се навредуваат од претпоставените.

Панел дискусијата ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација заедно со Британската амбасада и Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи.