Балкан
9. August 2016 - 8:38

Меѓународниот суд во Косово осуди поранешен член на ОВК на осум години затвор

Меѓународниот суд на Косово осуди вчера поранешен член на ОВК на осум години затвор за воени злосторства против цивили по завршувањето на војната. 

Во соопштение на Мисијата на ЕУ за Косово (ЕУЛЕКС) се наведува дека Џемшит Красниќи е осуден на затвор поради „апсење, незаконско задржување, нарушување на интегритетот и тортура врз неколку сведоци и непознати цивили“. Тој е осуден и на парична казна од 1.500 евра. 

ЕУЛЕКС посочи дека злосорствата биле извршени во логори на ОВК во Кукс и Чахан во Албанија, како и во Призрен во 1999 година.

Не се споменуваат конкретни случаи или имиња на жртвите, но се нагласува дека „обвинениот ги извршил злосторствата, заедно со други членови на ОВК“.

Советот на Европа во извештај во 2010 година посочи дека лидерите на ОВК се одговорни за смртта на стотици Срби, Роми и Албанци, осомничени за соработка со Србите. Во извештајот се наведува дека тоа се случило летотото во 1999 година, по завршувањето на 78-дневната воздушна кампања на НАТО против поранешна Југославија, која ги принуди српските сили да излезат од Косово. 

Клинт Вилијамсон, американски обвинител, на кого му беше доверена задачата да ги истражи тврдењата во извештајот, изјави дека има собрани неспорни докази дека раководството на ОВК ги одобрило злосторствата во нелегалните кампови во Косово и Албанија. 

Специјален воен суд по тоа прашање беше создаден минатата година под притисок на западните сојузници на Косово. 

Околу десет илјади лица загинаа, а 1.700 се водат како исчезнати за време на конфликтот на Косово во 1998-1999 година. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград најави дека нема никогаш да ја признае.