Македонија
16. August 2016 - 8:19

Меѓународна летна школа „Локалноста и меѓуграничната размена во средниот век“

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Охрид денеска ќе биде отворена меѓународна летна школа на тема „Локалноста и меѓуграничната размена во средниот век“ во организација на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“-Скопје и меѓународната академска мрежа „Европска дипломска школа за античка и средновековна философија“. 

Меѓународната академска мрежа „Европска дипломска школа за античка и средновековна философија“ опфаќа елитни научно-истражувачки институции од 20 европски универзитети, која има за цел да ја зајакне соработката меѓу нив и да го подигне нивото на нивната академска дејност.

Особен акцент е поставен врз меѓугенерациската размена на искуство и знаење, поради што повеќето од активностите на мрежата вклучуваат заеднички ангажмани на реномираните професори со нивните помлади колеги и студенти.

Годинава беше потпишан договор за стапување на нашиот Богословски факултет во Меѓународната академска мрежа од страна на ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски, деканот на Православниот богословски факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и директорот на Меѓународната академска мрежа и продекан на Философскиот факултет при Универзитетот во Келн, Андреас Шпеер.

Со тоа, УКИМ се стекна со можност директно да соработува со највидните европски институти од соодветната научна област.

На Летната школа ќе учествуваат 40 гости од Германија, Италија, Русија, Украина, Бугарија, Црна Гора и Македонија.

Свои излагања ќе имаат професорите Андреас Шпеер од Келн, Михаил Хорков од Москва, Георги Каприев од Софија, Диана Ди Сењи од Лече, Микоња Кнежевиќ од Косовска Митровица, како и на нивните докторанти и магистранти.