Македонија
9. July 2016 - 10:11

Медиуми: Поради брегзит Хрватска ќе добие помалку пари од благајната на ЕУ

Европскиот одбор на региони, тело кое претставува региони и градови во ЕУ, предупредува дека поради брегзит ќе имаат помалку пари за политики на намалување на нееднаквоста меѓу држави членки. Поради тоа, држави меѓу кои и Хрватска ќе мора поефикасно да повлекуваат средства од европски фондови.

– Ќе има многу промени, но јасно е дека на сметката ќе имаме помалку средства. Инвестициите за кои ќе бидат одобрени средства ќе мора да бидат исклучително квалитетни, наведе синоќа Марку Макула, претседател на Одборот на региони во Варшава, каде почна дводневен самит на региони и градови.

Пред осум месеци беше воведена програмата Кохезија и конкурентност, од која Хрватска има на располагање 6,8 милијарди евра за проекти што би намалиле разлики во однос на развиените делови на ЕУ во периодот 2014-2020 година.

– Доколку преговорите за брегзит завршат пред истекот на програмата, односно пред 2020 година, изгледно е дека британската Влада нема да уплаќа пари со што на Хрватска би и останале помалку пари на располагање, наведува за хрватски медиуми извор од Одборот на региони.

Британија лани уплатила во таа програма меѓу 5 и 6 милијарди евра повеќе отколку што повлекле од заедничката сметка, наведува Одборот на региони.

– Освен тоа, поради напуштањето на Британија, ќе се промени и рангот на региони во ЕУ, и со тоа некои ќе станат побогати и веројатно ќе останат без пари од таа програма, додаваат од Одборот.