Свет
2. February 2017 - 13:31

Матис со критики до Северна Кореја поради „провокативните акции“

Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис ја критикуваше денеска Северна Кореја поради „провокативните акции“, кои бараат нови консултации со Јапонија и Јужна Кореја.

Ова е прва изјава на Матис во странство, која ја кажа пред слетувањето во Сеул. 

Пентагон најави дека посетата на Матис на Јапонија и Јужна Кореја е можност да ги сослуша забелешките и стравувањата на двете земјите, кои се сметаат за едни од најблиските воени соработници на САД.

Експертите оценуваат дека целта на посетата е сојузниците да се разубедат неколку месеци пред администрацијата на Доналд Трамп да ја појасни својата стратегија за Пацификот.

Во текот на предизборната кампања, американскиот претседател ги повика земјите, меѓу кои и Јапонија и Јужна Кореја „да го платат својот дел“, доколку сакаат САД да ја зачуваат нивната безбедност, па дури и најави во едно интервју дека Јапонија би требало да набави сопствено нуклеарно оружје за справување до севернокорејските нуклеарни закани.

- Се сомневам дека секретарот Матис ќе поттикне која било од овие две земји да развива нуклеарно оружје. Сакаме на двете да им дадеме сигнал дека нивната безбедност во голема мера е интегрирана и поврзана со американската безбедност и дека ќе ги исполнуваме своите обврски, рече Бони Глејзер од Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Посетата на Матис на регионот на Иточна Азија следеше по коментарот на Белата куќа, во кој е најавен поинтензивен ангажман во Јужното Кинеско Море, додека Кина продолжува да гради вештачки острови и е во спор со соседите околу островските ланци, како што е Спретли.