Македонија
11. November 2018 - 16:40

Матичните лекари не сакаат да дежураат и во Брзата помош – велат технички и физички е неизводливо

По Кочани и Неготино, министерството за здравство планира матични лекари да дежураат во Брза помош и во другите градови ако недостигаат доктори во службата 194. На ваквата идеја реагираат од Здружението на приватни лекари. Сметаат дека Здравствените домови лошо менаџираат. Ако немаат кадар не требало да праќаат лекари од Брза помош на специјализација и според правилникот на Фондот прво да го искористат нивниот капацитет од специјалистите за вакцинација, медицина на труд и други специјалности, па потоа да бараат помош од матичните.

-Според законот за работни односи, кој се однесува и за лекарите од Брза Помош секој докторр ако дежура после 2 дена е слободен. Овде е проблем ако дежура некој матичен, на пример во вторник работи двократно и вечер треба да дежура и во среда повторно треба да си ги прифати матичните пациенти. Замената ако ги прифати има 100 пациенти и 100 пациенти од оној кој дежурал , кој е во можност да прегледа 200 пациенти во еден работен ден и да не направи ниедна грешка, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Од министерството за здравство вратија дека матичните лекари во договорите имале обврска по потреба да работат 24 часа, а не само до 20 часот.

Инаку на најавите на министерот Филипче за можно јавно приватно партнерство во Брзата помош и домашна посета реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Обвинија дека зад физибилити студија се кријат планови за богатење на поединци и уништување на јавното здравство.

-Наместо да седнат да работат и да спроведат вистинска реорганизација и оптимизирање на здравствените служби, тие се фаќаат за најлесниот начин, а тоа е приватизацијата. Како е можно со најавите за приватизација на Брза помош и домашна посета да не се зголемат трошоците кои треба да ги покрие ФЗОМ?,  рече Игор Николов, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

Во петокот минситерот за здравство изјави дека прво ќе го почекат резултатот од студијата и доколку се покаже дека за исти пари можно е функционирање на Брзата помош ќе организираат јавна депата за јавно приватно партнерство.