Македонија
19. January 2023 - 16:33

Масовно одбележување на Водици на Плетварското Езеро

По трет пат оваа година група на ентузијасти од Прилеп празникот Богојавление го одбележаа со влегувањето во осветените води на Плетварското езеро. Две години со ред тие правеа крст во дебелиот мраз на езерото и потоа влегуваа во водата, а годинава поради топлото време направија дрвен крст, како макета на крстот издлабен во мразот и секој од верниците еден по еден, предавајќи си го крстот во рацете влегуваа во водите на езерото.

„Огромна благодарност до МПЦ која го поддржа овој настан и се надеваме дека догодина лично ќе бидеме поддржани и од надлежниот митрополит тука кај нас“, рече Дарко Неданоски, организатор на настанот.

Ова манифестација која веќе е традиција добива на се поголема популарност помеѓу граѓаните.

„За разлика од минатата година, оваа година имаме многу поголем број на посетители, како во водите така и надвор. Очекуваме в година да биде уште помасовно сето и да прерасне во традиција“, истакна Антонио Гически, учесник на настанот.

„Јас сум православни, ако сум Германец. Јас бев внатре и сега ми е убаво и јас верувам во Водици.

Прв пат сте тука?

Прв пат бев тука.

И како е чувството?

Супер, нов човек сум“, изјави Никола Едингер учесник на настанот од Германија.

Годинава имаше и голем број припаднички на понежниот пол кои сакааа да бидат дел од чинот влегување во осветените води. А додека најстариот учесник имаше 71 година.

„Ова ми е втора година, чест и задоволство ми е што влегувам во осветените води и се надевам дека и другата година ќе дојдам овде.

Какво е чувството?

Прекрасно“, кажа Стефанија Перканоска, учесник на настанот.

„Чест ми е што еве после толку време и јас се решив да влезам во водите, да го почувствувам овој благодет на празникот, бидејќи досега не сум се охрабрил. Но сега еве на старост ја поминувам новата младост“, додаде

Кирил Велкоски, најстар учесник на настанот.

Годинава кум беше Робе Митрески кој што кумството за наредната година го предаде на Игор Димоски.

„Ми беше огромна чест и задоволство што го носев кумството цела година. Благодарност до МПЦ и со чест и задоволство кумството годинава го предавам на новиот домаќин“, рече Робе Митрески, годинашен домаќин.

„Огромна чест ми е што го преземам кумството, се надевам догодина дека ќе биде помасовно. Ги поканувам сите православни верници в година да присуствуваат овде“, истакна Игор Димоски, иден домаќин.

Организаторите за в година најавуваат уште поголема и помасовна манифестација за овој ден.