Свет
12. February 2019 - 18:41

Марк Кели, космонаут на НАСА, се кандидира за сенатор

Поранешниот космонаут на Американската вселенска агенција (НАСА), Марк Кели, објави дека ќе се кандидира за сенаторското место испразнето по смртта на Џон Мекејн, поранешен сенатор републиканец од Аризона.

Својата кандидатура Кели ја објави во видео поставено на неговиот Твитер налог.

-Научив многу од мојата работа на космонаут и пилот во морнарицата. Научив многу решавајќи проблеми како инженер. Но она што го научив од жена ми е како политиките работат во полза на нашиот народ, порачува Кели во видеото.

Негова сопруга е Габи Гифордс, која како конгресмен од демократите, остана хендикепирана по вооружен напад во 2011 година. Таа се појавува во обраќањето на Кели за кандидатура во Сенатот.

Сопружниците во 2013 година, по пукањето во основното училиште „Сенди Хук“, оформија организација за борба против слободната употреба на оружје во САД.

Во објавата Кели посочува дека застапува достапно здравствено образование, поголема вработеност и подобра економија во Аризона, и дека ќе се бори против климатските промени.