Македонија
12. March 2021 - 16:19

Маричиќ: Следуваат нови униформи за затворската полиција

По зголемувањето на платите на судската полиција, следуваат и нови униформи за затворската полиција, најави министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Тој посочи дека веќе го потпишал правилникот со кој припадниците на затворската полиција ќе добијат соодветна модерна униформа.

– По многу протести и барањата, кои траеја со години, минатата недела конечно го решивме проблемот со платите на судската полиција. Овие службеници ќе добијат зголемување од 8 отсто до 18 отсто. Тоа значи дека некои, ќе добијат зголемување за речиси една петина. Ова првпат се прави и навистина сум задоволен што го решаваме овој проблем. Од друга страна, следуваат и нови униформи за затворската полиција, кажа Маричиќ во гостување на КТВ.

Според Маричиќ, со зголемувањето на платите се решава долгогодишниот проблем на овие службеници, кои бараа зголемување, а како што рече, потпишувањето на правилникот е резултат на повеќемесечните преговори меѓу синдикатите и Министерството за правда.