Македонија
4. February 2021 - 14:49

Маричиќ: Резултатите од пописот ќе им бидат потребни и на идните градоначалници

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека резултатите од пописот ќе бидат од суштинско значење да се добијат пред локалите избори, за да можат идните градоначалници да креираат релевантни и издржани програми и проекти.

Дополнително тој апелираше да се намали, како што вели, непотребната тензија во општеството пред статистичката операција и да им се остави на статистичарите да го спроведат пописот, следејќи ги највисоките стандарди.

За Маричиќ, одложувањето на пописот како што бара опозицијата, ќе биде само на штета на државата.

-Тие бараат пописот да се одложи за следната година. Минатата година кога разговаравме за пописот бараат тој да се одложи за оваа година и најверојатно тоа ќе им биде барање да одлагаме секоја година. Затоа мислам ако одложиме тоа нема многу да промени, бидејќи сега е вистинскиот момент, сега се вклучува машината во Државниот завод за статика. Мислам дека летоска, летно време, кога луѓето патуваат, одмараат и е жешко. На есен имаме локални избори, а до локалните избори треба да ги имаме резултатите. Градоначалниците треба да си ги планираат и предлагаат политичките врз основа на новите резултати. Треба да ја нормализираме оваа работа. Веќе да станеме нормална држава и се да не се партизира и политизира, кажа Маричиќ во гостувањето на „Утрински брифинг“.