Македонија
9. November 2023 - 17:08

Маричиќ: Продолжувањето на преговорите со ЕУ не зависи од Извештајот на ЕК, туку од уставните измени

По низата критики од ЕУ за лошото раководење на земјава во областа на судството, Собранието и борбата со корупцијата, вицепремиерот Бојан Маричиќ смета дека најважно е прво да се изгласаат уставните измени, за да почнеме да ги спроведуваме реформите. Повика опозицијата да не го блокира интегративниот процес, бидејќи продолжувањето на преговорите со ЕУ, не е врзано со Извештајот за напредокот на земјава, туку со промената на Уставот.

Евроамбасадорот Гир пак е дециден дека единствениот пат на Македонија до ЕУ е да ги спроведе реформите кои се во согласност со ЕУ законите. Вели тие се од суштинско значење, ако сакаме да ги уживаме поволностите како земја членка на Европската Унија. 

Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија последнава година се состои од 120 страници, каде беше истакнато дека нема напредок во суштинските области според ЕУ регулативите. Како негативно посочени беа измените на Кривичниот законик, злоупотребата на европското знаменце, како и скандалите во Судскиот совет. 

Вицепремиерот Маричиќ пак гледа на позитивната страна на Извештајот, односно дека во 80% во поглавјата имаме некаков напредок. За Судскиот совет вели побарале помош од оценската мисија на ЕУ, европското знаменце нема толку често да се користи ако се донесе новиот деловник, а гласањето на уставните измени ќе помогне да се имплементираат препораките на ЕУ. 

Ако се забрза со реформите, првиот пакет на средства од ЕУ треба да ги добиеме во април, а за Македонија е предвидено да се пренасочат една милијарда евра.

Овие средства ќе помогнат за спроведување на реформите, но и проширување на земјава на единствениот европски пазар.