Бизнис
10. July 2015 - 15:15

МАПАС: Расте бројот на членови во пензиските друштва

Бројот на членовите во пензиските друштва во вториот пензиски столб од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување лани се зголемил за 6,6 проценти во однос на 2013 година и изнесува околу 373.000 членови, што претставува 70 проценти од вкупниот број осигуреници во Фондот на ПИОМ.

Како што соопшти на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување Булент Дервиши лани во вториот столб биле уплатени околу 4,5 милијарди денари.

Вредноста на средствата на задолжителните пензиски фондови на крајот на минатата година пораснала за 23 проценти во однос на 2013 година и достигнала 33 милијарди денари или околу 537 милиони евра.

Задолжителните пензиски фондови најмногу инвестирале во домашни хартии од вредност 58 проценти, во депозити 11 и акции 3 проценти, како и инвестиции во странство во акции 5 проценти и удели на инвестициски фондови 22 проценти.

- Како резултат на работењето на задолжителните пензиски фондови во седумгодишниот период 2008-2014 беше остварен просечен годишен принос во номинален износ од 5,03 проценти, односно 2,87 проценти во реален износ. Во текот на 2014 година имаше нешто помалку од 200 исплати од задолжителните пензиски фондови. Во најголем број случаи, тоа се должеше на остварени семејни пензии од страна на членови на семејство на починат член на вториот столб и остварени инвалидски пензии од страна на членови на вториот столб, поради што нивните акумулирани средства беа пренесени во Фондот на ПИОМ, кој ја исплаќа семејната односно инвалидската пензија, појасни Дервиши.

Додаде дека имало и исплати на средства како наследство од индивидуалните сметки на починати членови на вториот столб, како и еднократни исплати на лица кои не стекнале право на старосна пензија или на лица кои стекнале право на старосна пензија пред стапување во сила на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансираното пензиско осигурување.

Дервиши на прес-конференцијата информираше дека се зголемило и зачленувањето членови во третиот доброволен столб, при што во текот на минатата година нивниот број се зголемил 10 проценти во однос на 2013 година и сега во двете пензиски друштва има вкупно 20.400 членови.

- Во текот на 2014 година, во третиот столб беа уплатени околу 164 милиони денари. Вредноста на средствата на доброволните пензиски фондови до крајот на минатата година достигна до 8,2 милијарди денари или околу 8,2 милиони евра, појасни директорот на МАПАС.

И инвестициите на средствата од третиот фонд се слични како на оние од вториот. Средствата се инвестирале во домашни државни хартии од вредност 44 проценти, депозити 15 и акции 12 проценти. Средства биле инвестирани и во акции во странство 5 проценти и околу 22 проценти во удели на инвестициски фондови.

Лани биле извршени околу 100 исплати на пензиски надоместок од третиот столб. Најголем дел од исплатите се исплати во случај на старост со еднократно повлекување на средствата, а мал дел се исплати за случај на смрт со исплата на наследство.