Македонија
8. јуни 2018 - 18:05

МАНУ се прости од поетскиот великан Матеја Матевски

Македонската академија на науките и уметностите се прости од својот член Матеја Матевски. На комемеморативната седница во МАНУ беше истакнато дека поетот зад себе оставил грандиозно дело, кое сигурно го вбројува како еден од најголемите поети во македонската историја, а неговите збирки како дела, кои можат да влезат во која било светска поетска антологија.

Членовите на највисоката научна и уметничка инстуција во земјава со пиетет зборуваа како за неговите професионални, така и за неговите човечки квалитети. Академиците рекоа дека Матевски бил исклучително благороден човек кој сите функции ги вршел со голема посветеност. 

Академиците го опишаа како човек епоха во македонската поезија, чии стихови се темел на нејзиниот модерен звук.

Во МАНУ беше отворена и книга на жалост за смртта на академикот Матевски. Претседателот на Академијата соопшти дека пристигнуваат голем број телеграми со сочувство, меѓу кои и од претседателот и премиерот на државава.