Македонија
15. September 2017 - 8:59

МАНУ организира изложба на дела од академик Васко Ташковски

Во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на дела (масла, акварели и цртежи) на  академик Васко Ташковски.

Изложбата, која е насловена „Ташковски - 80 години“ ќе ја отвори академик Газанфер Бајрам, секретар на Одделението за уметност на МАНУ. За творештвото на академик Ташковски ќе говори академик Катица Ќулавкова.

Васко Ташковски (Нижеполе, 1937) е водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност. Во своето богато уметничко творештво има над 750 слики во маслена техника, 2500 акварели, 1000 цртежи, над 10.000 скици и голем број графики.

Негови дела се наоѓаат во голем број приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и светот, од Македонија и Европа, до САД, Австралија и Националниот музеј на Кина во Пекинг. Има остварено 50 самостојни изложби во Македонија и во светот, добитник е на 17 награди и признанија.

Во 1994 година Ташковски е избран за дописен член на МАНУ, а во 1996 и за редовен член на Академијата.