Манастирот на Тоше со легенда, историја и нов лик
Штом се стигне во Крушево, оттука на Гумење, погледот го привлекува кривулестиот пат покрај историската месност Слива (тука била крвавата битка од Илинденското востание), па се до ридот каде е манастирот „Свето Преображение“. И секогаш, кога се спомене овој манастир- сѐ асоцира на Тоше Проески. Без исклучок.
Што се случува со манастирот, 11 години од загинувањето на Тоше, а веќе 32 години откако почна да се гради?
Не сме први да го посетиме манастирот, но сме многу љубопитни да дознаеме до каде е изградбата. За која Тоше многу се залагаше.
Патот, сега асфалтен, лесно ни го посочува манастирското здание на 1620 метри надморска височина. Води низ Крушевската корија (која историски е поврзана и со Илинденското востание, зашто, според истражувањата, криела голема документација на илинденците по задушувањето на востанието). Сега, коријата е со „црвен тепих“. Есенското богатство на боите стигна и во неа, а го трасира патот до Манастирот.
Веќе се извишува влезниот портал во манастирскиот комплекс. Покрај него е патот, асфалтиран до кртот што се извишува над Манастирот. Влезниот простор околу црквата е веќе речиси уреден. Со мермерни скалила и потпорни ѕидчиња. Спроти црквата се и конаците.
Не пречекува крушевчанецот Ѓоше Илиески, член на манастирскиот одбор и, како што вели, најмногу од своето време е токму во манастирот. Тука е убавината, погледот, од една страна на Пелагоисниско, од друга на Крушевско. Бескрајна убавина и непрегледност што само природата може да создаде, што ја исполнува душата, го заздравува телото. Така мислеше и Тоше.
Ѓоше Илиески со радост сака да покаже до каде стигнала изградбата на манастирската црква, на конаците, уредувањето на околината.
Веднаш ги покажува изрезбарените влезни црквени врати. Со орнаменти. А внатре, на сите страни спомени врзани со Тоше, но и траги, скелиња извишени што укажуваат дека интензивно се работи во црквата. Речиси се е уредено, сега на ред е фрескоживописот.
Моментално се работи на фрескоживописот. Една третина е исцртана. Ангажиран е мајстор од Бугарија кој доаѓа да ги работи фреските. За доизработката на фрескоживописот малку „кубуриме“. Потребни се уште средства. Но правиме напори. „Мајсторот“ е многу талентиран, семеен човек, кој доаѓа од Бугарија. Зимово ќе има прекин, ама, неуморно ќе се работи и напролет, објаснува Илиески.
Манастирот има и своја историја и легенда.
– Кога почна да се гради во 1986 година, наидовме на остатоци од црква, помала, од 13-иот, а потоа и од 16-век. Остатоците од ќерамидите упатуваа на тоа. Оваа црква се гради врз основа на историски претходната „Свето преображение“. Не случајно Тоше се заинтересира зашто зафатот за манастирската обнова го покренаа неговиот татко и чичко. Уште како дете беше тука, да помага, како што се случуваше речиси и до последните мигови на кобната сообраќајна несреќа пред 11 години, објаснува емотивно Ѓоше Илиески.
Манастирот има своја легенда. Со црквата бил на границата на атарите на крушевските села Рилево и Селце. Имал поглед на Пелагониско и на Пуста Река. Легендата говори, а Ѓоше Илиески вели дека според сведочењето на старите жители, било вистина, дека поради тоа што жителите не сакале да го почитуваат и да го одбележуваат денот на црквата (свето Преображение на 19 август), селото Рилево го зафатило силно невреме и поплава. Го однело целото, па и малото селско манастирче. Рилево било распослано во месноста Селиште, но откако било уништено од надојдената вода, се обновило на блиска локација. Оттогаш населението се вратило да го почитува денот – свето Преображение на 19 август.
– Не се знае во кој век се случило ова, ама старите жители потврдуваат дека се случила големата хаварија. Дури, остатоците на „камарата“ што ја најдовме за палење свеќи при почетокот на изградбата на црквата, беше шестоаголна, што можеби упатува на остатоци уште од постаро, кој знае, римско време. Тоа значи дека манстирот и црквата кријат многу тајни, вели крушевчанецот Ѓуше Илиески.
Се живописува црквата, а манастирските конаци се уредени. На катот, на вратата од просторијата со број 10, е пак сеќавањето за Тоше Проески. Тоа е неговата спомен соба, пред влезот, како најава, се макети-подароци на манастирот и црквата. Од обожавателите на Тоше.
-Сите посетители што доаѓаат во Манастирот, најмногу сакаат да влезат и да ја разгледаат црквата, да бидат на просторот каде Тоше беше кога доаѓаше овде. Во состав на манастирскиот конак, имаме и спомен соба (собата број 10) на Тоше Проески. Целата е опремена со работи за него и од него. На конакот, Тоше имаше ноќевано. Во спомен-собата е и неговиот личен кревет на кој е растен. На ѕидот има и слика кога тој беше дојден во зимски услови, објаснува Илиески.
Манастирското зндание до крај ги нема реализирано желбите на Тоше. Една никогаш нема да биде – да се венча во овој манастир. Ама можноста да има плато за хуманитарни концерти… Кој знае, ако има волја, же се оствари.
-Тоше секогаш кога доаѓаше, до кобната сообраќајна несреќа, овде, во манастирот, го наоѓаше духовниот мир. Простор во кој беа присутни тој и неговите другари. Тие, често, учествуваа и во изградбата. Негова замисла беше да одржи хуманитарен концерт на овој простор. Но, кобната сообраќајна несреќа го спречи во намерата. Тоше имаше замисла, по правењето на патот до манастирот, да се одржи тој хуманитарен концерт. А токму и својата венчавка сакаше да ја направи во манастирот, вели Ѓуше Илиески.
Се осликува црквата во манастирскиот комплекс „Свето преображение“. Околината нуди неповторлив поглед на крушевските и пелагониски непрегледни ридести пространства. Поради Тоше и поради бесценетата природа непрекинато доаѓаат посетители. Од секаде.
-Посетеноста на манастирот е огромна. Посетители има од сите ју-републики, а најмногу има од Македонија. Доаѓаат и групи пензионери, средношколци. Има посети и од пошироките простори. Доаѓаат и Јапонци, гости од Русија, а најмногу се присутни нашинците кои се наоѓаат во дијаспората. Секогаш кога тие доаѓаат во Македонија, една од дестинациите им е манастирот „Свето Преображение“, вели Илиески.
Сега Крушево и многу компании сакаат да ја озеленат околината на Манастирот. Се засадуваат дрвја. За манастирот „Свето преображение“ да остане духовно светилиште, да нуди мир и спокојство и телесно заздравување. Споменот за Тоше го направи мека за посетителите од сите страни на светот.
Посетата на манастиорт „Свето преображение“ над Крушево не е ниту прва, ниту последна. Новинарското и човечко љубопитство пак ќе нѐ привлече во оваа раскошна природна убавина и духовно спокојство. Каде се мешаат историјата, човечките желби, надежи и безвремената природа. Најмногу – спомените.
Ново на Сител
-
Тема на денот со комуникологот Бојан Кордалов
-
Евроинтеграцијата и барањето за консензус клучни во обраќањето на претседателката
-
Филипче повика на натпартиска стратегија
-
Мицкоски: Злоупотребите во Државна лотарија се многу повеќе од 8 милиони евра
-
Мицкоски: Многу контроверзни изјави го одбележаа судењето за 27 април
-
Неетичко и нечовечно е поскапувањето на основните производи, кажа Мицкоски
-
Законот за нефер трговски практики стапува во сила на први јануари
-
Целосно исплатени заостанатите субвенции кон земјоделците