Македонија
6. December 2021 - 13:59

МАЛМЕД: Лекари пријавиле два смртни случаи по примена вакцина против Ковид-19

Двајца лекари во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД пријавиле сомнеж дека нивни пациенти починале после вакцинација против ковид во земјава, потврди раководителката во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на брифинг со новинарите. И двете пријави се доставени во различен временски период. За првиот пациент на 53-годишна возраст пријавата била доставена во април, а за вториот, кој бил на возраст од 85 години, на 30 септември.

-Ако се пријави некое несакано дејство после вакцинација, тоа по дифолт не значи дека е последична реакција на вакцинацијата. Постојат параметри кои треба да се испитаат, како на пример, каков бил профилот на пациентот, од што боледувал, какви лекарства примал. Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканата реакција, па нека е и смрт, е поврзана со вакцината и нејзината употреба. Имаме две пријави за смртен исхход кај 85-годишен пациент и за 53-годишен пациент. Уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините. Таа обработка се прави во ИЈЗ и мислам дека има иницијатива таму да се направи комисија за посериозните несакани ефекти, рече Хаџихамза.

Таа додаде дека за едниот од пациентите кои починале, го видела медицинското досие и станувало збор за човек со многу коморбидитети. Едната пријава дошла од лекар во Гевгелија, а за втората, Хаџихамза немаше информација од каде е.

Според податоците кои ги сподели таа, првиот, 53-годишен пациент бил вакциниран со вакцината на „Фајзер“, а вториот со „Астра Зенека“. За едниот од вакцинираните за кои е пријавен сомнеж дека починале како последица на вакцината, пријавата е доставена две недели по имунизацијата. Во двата случаи пријавиле докторите во системот за фармаковигиланца во МАЛМЕД.

Освен овие пријавени посериозни можно корелирачки несаканни ефекти со вакцинацијата, во МАЛМЕД се пријавени и некои неочекувани ефекти како болка во градите, тромбоцитна реакција, алергиска реакција.

Сите случаи се третирани лекарски и пациентите се опоравени, рече Хаџихамза.

На веб страницата на Агенцијата на лекови има образец преку кој може да се пријави сомнеж за несакано дејство од било кој лек вклучително и вакцината против ковид-19. Досега пријавените несакани ефекти според директорот на МАЛМЕД Лирим Шабани се благи и опишани во упатството за употреба.

-Има центар за фармаковигиланца каде се пријавуваат несаканите ефекти од вакцините и сите лекови. За вакцините добивме 133 пријави од страна на лекари, 88 од страна на фармацевти и 10 од страна на други здравствени работници. Имавме пријави и од самите граѓани. Сите податоци се собираат и се обработуваат. Се испраќаат во шведски мониторинг центар и на ниво на СЗО се собираат несаканите ефекти, по што се даваат препораки за лекот, односно вакцината. Во голема мерка несаканите ефекти се во рамките на предвидливите и точно наведените во упатството на вакцината, значи главоболка, повраќање, болка во екстремитетите, вртоглавица и болка во рамото на местото на апликација на вакцината. Генерално би сакал да кажам дека процентот на несакани ефекти е далеку мал, рече Шабани.

Вакцините поминуваат ригорозни процеси на регистрација и контрола додека да дојдат до вакциналните пунктови. Секоја вакцина во земјава има сертификат од независна лабораторија во европската мрежа со која се потврдува дека тие се безбедни. За да се елиминираат сите дилеми покрај тие сертификати, се прави уште една стручна проценка во Институтот за јавно здравје.