Македонија
26. August 2023 - 16:36

Малите земјоделци се погодени од новата мерка за субвенции на контролирано производство

Со новата мерка од интервентната програма на МЗШВ  да бидат опфатени сите производители на домати и краставици, а не само производството под контролирани услови бараат од потсекторската група за градинарство. Според претседателот Драги Памуков, најавата дека преку оваа мерка субвенции ќе добијат само земјоделците кои произведуваат под контролирани услови значи дискриминација за малите производители кои веќе со години  работат на работ на егзистенцијата.

За Памуков, овие мерки се добри, но со нив не се решаваат проблемите во земјоделството и затоа наместо периодични интервенции вели дека е неопходна долгорочна стратегија.

Мерката за поддршка на производителите на краставици и домати е креирана преку интервентната програма со која треба да се надомести разликата помеѓу производната и продажна цена, како резултат од владината одлука за замрзнувањето на цените за овошјето и зеленчукот. Висината на финансиската поддршка од оваа мерка изнесува 35 денари по килограм за домат кој е произведен под контролирани услови и продаден во период од 5 април до 31 мај и 30 денари по килограм за краставица произведена и продадена во период од 5 април до 15 мај 2023 година.