Македонија
29. July 2021 - 16:54

Малите партии не отстапуваат од блокада на Изборниот законик

Антикорупциската комисија се придружува на реакциите против измените на Изборниот законик. Нивното носење во пресрет на изборите е спротивно на препораките од ОБСЕ/ОДИХР дадени по минатите локални избори, а погрешна е и „ултра“ скратената постапка по која се носат измените, велат од ДКСК.

“Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажува дека промените на Изборниот законик во 2017 година донесени во скратена постапка, без широки консултации се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување”, се наведува во соопштението на антикорупционерите.

И додека се чека продолжението на собраниската Комисија за политички систем каде што се треба да се расправа за 500-те амандмани по однос на предлог измените, своите ги образложи Демократскиот Сојуз.

За ВМРО ДПМНЕ нема дилеми. Препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат дел од Изборниот законик, а што се однесува до процентот кој го регулира бројот на потписи за независни листи, тој е таков на барање на власта.

„Два проценти е поради барањето на владеачките партии. Но, ние изразуваме целосно разбирање со помалите партии.  И за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо она решение кое власта заедно со нивните коалициски партнери ќе го договори”, вели Мицкоски

Со реакции на предложените измени досега излегоа претседателот Пендаровски, партиите ЛДП и ДОМ, како и здружението „Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“.