Македонија
21. March 2019 - 16:14

Мали се шансите власта и опозицијата утре да постигнат договор за законот за СЈО

Нема поместување во позициите на власта и опозицијата во пресрет на носењето на законот за јавното обвинителство кој треба да му го продолжи животот на СЈО.
Опозицијата постави три принципи со кои ја условува својата поддршка во Собранието при носењето на законот.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат целосно имплементирање на меѓународните стандарди, заштита на човековите права и независност, неутралност отчетност и ефективност во борбата со криминалот.

Од партијата велат дека овие принципи можат да бидат исполнети само со прифаќање на нивните веќе познати барања.  Опозицијата да го предлага новиот јавен обвинител, СЈО да стане дел од обвинителството за организиран криминал и целосно да се смени неговиот персонален состав како и да се запрат постапките кои ова обвинителство ги води по истекот на законскиот рок. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат и анкета комисија да го испита работењето на СЈО.

Промени нема и во позициите на власта. И премиерот но и владиниот портпарол вчера комплетно ги одбија барањата на ВМРО-ДПМНЕ, но власта и натаму се надева дека има простор за договор. Пратеникот Артан Груби рече дека се надева дека на преговорите утре ќе успеат да најдат консензуално решение. Неговиот колега Беџети кој исто така е дел од работните групи не сакаше да коментира пред време

Новата рудна разговори почнува утре во 15 часот во Министерството за правда. Законот за јавното обвинителство веќе е поднесен до Собранието, а власта бара тој да се донесе по скратена постапка.