Македонија
17. March 2016 - 13:47

Македонското книжевно творештво на Меѓународниот саем на книгата во Париз

Македонското книжевно творештво се претставува на Меѓународниот саем на книгата во Париз, кој од денеска до 20 март се одржува во парискиот центар Порт де Версај. 

На македонскиот штанд, преку комесарите - издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“ и „Култура“ се претставени над 400 вредни книги на македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија, кои го презентираат нашето богато културно наследство, македонската традиција, историја, уметност, култура и туристичките потенцијали.

- Посетеноста уште од првиот ден е масовна. Интересот за книгите преставени на македонскиот штанд е значителна, а остварени се и повеќе официјални средби на кои се разговара за можноста за соработка меѓу македонските и странските издавачки куќи, со цел посериозен пласман на македонската книжевност во светот, информира издавачката куќа „Три“. 

Пред посетителите е претставена и капиталната едиција „Превод на 135 тома македонска книжевност на англиски јазик“ и Антологијата на македонската книжевност во шест тома, објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“. 

На македонскиот ден, утре пред публиката во Париз ќе биде организирана трибина „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“. На трибината ќе присуствуваат авторите Луан Старова, Јордан Плевнеш, Владимир Мартиновски и професорот на универзитетот Сорбона Фабрис Д’алмеида. Ќе има и претставници од реномирани книжевни институции, како интернационалниот поетски фестивал „Пролет на поетите“, кој секоја година се одржува во Париз, поетското биенале на Франција, познати француски поети, издавачи, новинари, претставници од францускиот ПЕН центар. Утре ќе се одржи и поетско читање „Македонија, светски центар на поезијата“ на кое учесници ќе бидат Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и други автори од Република Франција.

Во насока на покомлексно претставување на македонската литература подготвен е и еден обемен каталог „Средби на писмата/ културите“, во кој на француски јазик се прикажани македонските книжевни вредности. Каталогот, чии уредници се проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и проф. д-р Владимир Мартиновски, е конципиран и замислен како место на средби меѓу различни книжевни писма, поетики и пристапи на автори во сферата на прозното, поетското и драмското творештво. 

Во каталогот се застапени некои од најзначајните современи македонски раскажувачи, македонските поети, а последниот дел од каталогот е посветен на драмското творештво на Република Македонија, со селекција на сегменти од авторските дела на еминентните македонски драматурзи.

Бојан Саздов, главен уредник од издавачката куќа „Три“ информира дека минатите години повеќе македонски автори добија свои француски изданија, меѓу кои Луан Старова, со седум изданија, Гоце Смилевски, Венко Андоновски, Владимир Мартиновски, Влада Урошевиќ...

Тој додаде дека во каталогот се застапени 32 автори, со биографии и кратко претставување на своето творештво. Според него, каталогот е наменски и ќе помогне во комуникацијата со издавачките куќи, со агентите и со сите заинтересирани посетители на саемот. 

Дарко Фидановски, косопственик на издавачката куќа „Арс ламина“, истакна дека на саемот дистрибуираат и листа на македонски издавачи со нивни најзначајни изданија, кои би се понудиле за превод на француски јазик. 

- Ќе го понудиме и она што не е преведено во моментов на француски јазик, со мали извадоци од содржината на тие дела. Нашата издавачка куќа ќе се претстави со повеќе комерцијални детски производи, а од другите издавачки куќи ќе има доста нова белетристика, рече Фидановски.

Додаде дека првпат ќе бидеме претставени како Македонска асоцијација на издавачи, ново здружување на издавачите во Република Македонија, кое, како што рече, ќе придонесе за многу поактивна промоција на македонското издаваштво во светот и здружување со сите други издавачки асоцијации низ свето

На саемот на книгата во Париз годинава учествуваат повеќе од 1.200 издавачи, претставници на 50 држави од Европа и светот и над 4.500 автори. Саемот е едно од најзначајните средишта за претставување на издавачката индустрија од целиот свет. Саемот го посетуваат над 200.000 посетители.