Бизнис
9. August 2019 - 16:49

Македонските власти не очекуваат сериозен проблем од Косово

Надлежните од земјава не очекуваат посериозен проблем по заканите од Косово дека ќе забрани увоз од Македонија. Предупредувањето од Приштина доаѓа откако Агенцијата за храна во земјава забрани увоз на икри и мали риби со непознат здравствен статус.

“Верувам дека ова не е нешто што не може да се надмине. Сме имале и поголеми проблеми, ако се сеќавате кога на една листа имаше 25 производи. Верувам дека со дијалог сè ќе се надмине, но треба да се има и на ум значи напата позиција, односно ставот на АХВ дека сепак со внесување на живи животни, не сакам да споредувам сега со овие превентивни мерки што ги преземаме за Африканската свинска чума, која што е во соседството. Така да, мора да внимаваме при увоз на живи животни, во овој случај икри и мали риби, да сето тоа биде докажано и здравствено исправно. Не сакаме да си имаме проблеми кај нас, но верувам во дијалог дека секако ќе се изнајде решение за овој проблем”, вели Трајан Димковски, министер за семјоделство, шумарство и водостопанство.

Од АХВ објаснуваат дека ги следат насоките на Светската организација за здравствена заштита. Косово не се наоѓа на оваа листа и затоа икрите и малите риби се со непозната здравствена исправност. Меѓутоа, доколку докажат дека се исполнети стандардите, овие производи можат да се најдат на македонскиот пазар.

“Она на што се однесува забраната е порибителниот материјал, а тоа е икра и млади риби.Забраната не се однесува за Косово, туку за сите држави кои немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот кој што ќе дојде, ќе се внесе кај нас, е здравствено исправен. Постои комуникација меѓу нашата Агенција за храна и ветеринарство и Косовските власти кои го работат тоа. Доколку си направат мониторинг на сето она што го произведуваат, тоа не е никаков проблем да се ослободи пазарот”, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

По воведувањето на забраната за увоз на икри, Косово ја обвини Македонија за прекршување на ЦЕФТА договорот што се однесува на слободна меѓународна трговија. Оттаму има најави дека можно е Косово да одговори со целосна забрана на увоз на македонски производи.

“Овие прекршувања на Северна Македонија од обврските кон ЦЕФТА се од голема грижа за мојата Влада и ве поканувам да најдете решение за ова прашање што е можно поскоро. Чекаме властите од Северна Македонија да ги отстранат овие трговски бариери, во спротивно ќе мора да реагираме, каде реакцијата ќе биде ист третман на северномакедонските производи кои влегуваат на косовскиот пазар”, изјави вчера вршителот на должност министер за трговија на Косово, Ендрит Шала.

Инаку, наспроти договорот со ЦЕФТА, со цел да го заштити домашното производство, Косово веќе неколку пати воведе огромни царини или целосна забрана за увоз на одредени производи од повеќе држави од регионот. Најпогодени беа извозниците од Србија, Босна и Херцеговина, но и Македонија.