Loading Video...
Ракомет
2. January 2022 - 14:42

Македонските ракометари продолжуваат со подготовките за ЕП

Најдобрата машка ракометна репрезентација во полн состав го започна вториот дел од подготовките за претстојното ЕП
 
Откако во Маврово беа одработени базичните подготовки, надополнети со две контролни средби против Кувајт, најдобрите македонски ракометари сега се во Скопје, каде во полн состав го одработуваат вториот дел. 
 
Селекторот и капитен Кирил Лазаров сега на располагање ги има сите ракометари кои се најдоа на неговиот поширок список, па по контролите со Израел утре и задутре, Лазаров би требало да има подобар увид во формата во која се неговите избраници. 
 
Инаку, согласно протоколите на ЕХФ, сите репрезентативци се вакцинирани против Ковид-19, а во текот на овие подготовки биле извршени и дополнителни тестирања на кои ракометарите биле негативни на вирусот.
 
Пред заминувањето за Дебрецин на 11 јануари, ќе бидат извршени уште три тестирања на 4, 7 и 10  јануари. 
 
Контролниот двомеч со Израел што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ (18 часот) ќе биде од затворен карактер, а на некој начин Израелците треба треба да бидат пандан на нашите противници на европскиот шампионат, пред се Словенија со која отвараме на 13 јануари и Црна Гора против која играме два дена подоцна. 
 
Последен противник на Македонија во групата А ќе биде топ фаворитот Данска селекција против која ќе играме на 17 јануари.
 
Убава вест за нашите навивачи кои планираат во Дебрецин да ги бодрат нашите ракометари, е дека Владата на Унгарија не го ограничи капацитетот во салите, а за влез во истите има три опции: Со сертификат за примена вакци, сертификат за прележан Ковид-19 или  ПЦР тест не постар од 72 часа
 
Додека задолжително за сите навивачи, над шест години, ќе биде носење на маска во сала. 
Што се однесува до Словачка таму ситуацијата сеуште е неизвесна.