Македонските правила за патување различни од европските - ќе има ли прилагодување?
Дали Македонија ќе ги услогласи правилата за влез и излез со европските? Според постоечките протоколи, за излез од земјава, сертификатот за прележани важи 45 дена, а за влез во ЕУ 6 месеци. Тоа практично значи дека невакцинирано лице, кое на пример, прележало Ковид во ноември, за утре да отпатува во Солун, треба да се тестира за да излезе од земјава затоа што сертификатот веќе му е неважечки, но со истиот сертификат и без тест слободно ќе може да влезе во Грција.
Согласно новите европски правила, измени има и за вакцинираните со две дози со вакцините признати во ЕУ. Ковид сертификатот во овој случај важи 270 дена, по истекот на тие 9 месеци, патиникот треба да покаже негативен тест. Во случај лицето на има примено трета доза од призната вакцина, тогаш сертификатот важи неограничено.
За лицата кои немаат важечки сертификати останува на сила барањето за негативен тест. ПЦР не постар од 72, или брз тест не постар од 24 часа.
Новите правила веќе важат за македонските граѓани кои патуваат во Германија и Шпанија. А од утре ќе важат и за влез во Грција. Новата регулатива е во согласност со препораките на ЕК според кои веќе не е важна епидемилошката состојба на земјата од која доаѓа лицето, туку неговиот личен статус.
Дали новиот состав на комисијата за заштита од заразни болести ќе ги смени правилата во согласност со европските, од таму ни рекоа дека не можат ништо да коментираат. Комисијата седница ќе има во вторник и тогаш ќе се знае дали ова прашање ќе биде ставено на дневен ред. Постоечките правила во земјава се на сила од 1ви септѕември лани и од тогаш нес е направени никакви корекции.
-

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар
