Македонија
21. November 2023 - 20:05

Македонските пензии најниски во регионот, не се знае кога ќе се носат антикризните мерки

Пакетот антикризни мерки кој помпезно се најавува три месеца се уште не е готов. Помошта треба да биде наменета за пензионерите со најниски примања, но и останатите ранливи категории граѓани, а ресорните министри со месеци не откриваат ништо. Не се знае кога ќе биде објавен, кои граѓани ќе бидат опфатени, колку пари ќе земат и колкав временски период ќе можат да ги користат. Министерката за труд и социјала вели се ќе се знае следните денови.

„Искрено додека не бидат објавени не сакам да лицитирам кои категории на пензионери, ќе бидат опфатени поголем број пензионери, а секако и други ранливи категории граѓани. До крајот на неделата ќе имате информација за се она што како пакет на антикризни мерки Владата ќе го донесе. Кои категории на граѓани и колкумесечна ќе биде поддршката“ – Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика

Тренчевска не очекува решение за минималната пензија до крајот на месецот. Прашањето било комплексно, па потребно било повеќе време.

И додека се чекаат пресметките на работната група, општина Центар нуди конкретна помош на пензионерите со примања до 20.122 денари. По принципот „прв дојден-прв услужен“ ќе може да добијат 2 илјади денари еднократна помош. 

„Лесен и едноставен е начинот на аплицирање. Во нашите бараки, во барака број 6 во архивата се доставуваат чекчето со висината на пензијата, личната карта и трансакциска сметка на којашто може да префрлиме парични средства како општина. Парите ќе бидат исплатени во текот на декември, пред новогодишните празници“ – Горан Герасимовски, градоначалник на општина Центар

За оваа намена, од општинската каса се одвоени 3 и пол милиони денари. Повикот е отворен од денеска до 6 декември.

Според јавно достапните податоци, македонските пензионери се најсиромашни во регионот. Највисока просечна пензија има Црна Гора – дури 464 евра. Таму минималната пензија изнесува 300 евра, токму како што бараат и нашите пензонери. По неа следат Хрватска со 449, Босна и Херцеговина 344 и Србија со околу триесетина евра повеќе од просечната македонска пензија.