Кошарка
21. November 2018 - 9:45

Македонските кадети на Евробаскет во Удине, а јуниорките ќе играат во Скопје

Следното лето Македонија ќе биде претставувана со пет кошаркарски селекции во младинските конкуренции. Почнувајќи од највозрасните машката репрезентација до 20 години, преку јуниорските до 18 години (мажи и жени), како и двете селекции до 16 години. 

 
Само една од овие пет ќе ја има привилегијата, но и обврската, достојно да не репрезентира во најквалитетната конкуренција. 

Кадетската машка репрезентација за играчи до 16 години ќе настапи во А дивизијата на Европскиот шампионат што од 9-17 август ќе се одржува во италијанскиот град Удине. 

 
Благодарение на повеќегодишниот проект на МКФ во соработка со ФИБА, насловен како „Зедено до 16“, изминатово лето генерацијата на играчи родени 2002-ра и помлади со освоеното 2.место на првенството во Сараево, на помладите им отвори шанса да се натпреваруваат во „елитата“. Шансата треба да биде искористена, но тоа претставува и обврска за новата генерација, да направи добар резултат, а не веднаш да се врати во понизок ранг на натпреварување. Затоа, од МКФ уште од сега почнуваат со акција, а првата е веќе од 12-16 декември кога оваа селекција ќе настапи на силен турнир во Клуж, Романија, каде ќе играат со соодветните селекции на домаќинот, Црна Гора, Унгарија и Бугарија. 
 
На истиот турнир ќе настапат и девојчињата, кои пак ќе настапат во Б дивизијата на првенствотото во Софија од 15-24 август.
 
Во „Б“ дивизиите ќе настапуваат и останатите три селекции. Машката до 20-години ќе игра во Матосињош, Португалија од 12-21 јули. 
 
Јуниорите (до 18 години) ги очекува настап во Ородеа, Романија од 26 јули - 4 август.
 
Девојките (до 18 години) ќе имаат привилегија да играат пред домашната публика на „Б“ шампионатот што од 5-14 јули ќе се одржува во Скопје. 
 
Оваа одлука на ФИБА, доаѓа како потврда за добро сработената организација претходните неколку лета, кога Македонија, беше домаќин на неколку шампионати.