Македонија
6. јуни 2016 - 10:51

Македонскиот павилјон меѓу најпосетените на Тера Мадре Балкан во Тирана

Еден од најпосетените беше македонскиот павилјон на 4. Тера Мадре Балкан што се одржа викендов во Тирана. Љубителите на традиционална храна со воодушевување дегустираа слатко од диви смокви, сирење од мавровско-реканскиот регион, буковска пипер, мед и вино Станушина. 

Ова беа петте президиуми (производи заштитени преку проектите на Слоу Фуд Македонија), претставени на саемот за земјоделство што четврти пат се организира со поддршка на Европската Унија. Многу посетители ги купуваа, без да прашаат за цена.

На Тера Мадре Балкан учествуваа 350 делегати од 12 земји - БиХ, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Турција, Италија и Албанија, а штандовите (павилјони), вкупно 50, беа поставени на т.н. Пазар на фармери, на плоштадот „Мајка Тереза“ во центарот на градот.

- Задоволни сме од учеството на Тера Мадре Балкан. Ова е одлична можност за промоција на нашите македонски традиционални производи кои се исклучително квалитетни, изјави Скендер Аме, производител на бреднираното Дебарско сирење.

Според него, традиционалните производи мора да се заштитат преку негување на рецептите на нашите баби и дедовци зашто храната е идентитетот на народот и зборува многу за неговата култура.

- Кај мене традицијата на производство на овчо сирење ќе ја продолжи синот, на кој веќе му дадов 200 овци. Нашето стадо брои вкупно 900 грла, а заедно со браќата имаме 2.500, истакна Аме.

Весна Јаневска од Росоман, производител на слатко од диви смокви, диви капини и полски јаготки, рече дека од оваа дејност може добро да се живее, а учеството на вакви саемски манифестации е многу битно.

- Дојдов да ги презентирам деликатесите на Тиквешијата со оглед дека кај нас поднебјето е одлично, а тоа значи, што и да направите е превкусно и квалитетно. Треба да ги искористиме благодетите на природата, предностите на регионот и да се бориме, да не се откажуваме. Можеби немаме за луксуз, но за нормален живот имаме, изјави Јаневска.

Тера Мадре Балкан почна во четвртокот, но официјално беше отворен во петокот, со обраќање на Карло Петрини, основач и претседател на Слоу Фуд. Петрини порача дека политичките авторитети треба да го препознаат значењето на малите, локални производители, посебно на младите фармери, и да го поддржат нивното враќање кон традиционалното производство зашто храната не е само стока која едноставно има цена, туку нејзината вредност, како што рече, е многу поголема и подразбира култура, гордост, достоинство на секој народ, филозофија што ги опфаќа корените на неговото постоење. 

- Клучни се трите цели: да се врати концептот на вредност на храната која не е само обична стока, да се обезбеди правична цена за занаетчиските производи зашто земјоделците заслужуваат достоинствен, пристоен живот и националните и ЕУ политиките да ги поддржуваат малите фармери, подвлече Петрини во обраќањето, напоменувајќи дека интелектуалци не се само високообразованите, туку и луѓето што знаат да произведат сирење по рецепт стар најмалку 300 години.

На отворањето на манифестацијата беа присутни и високи претставници од албанската влада, од Градот Тирана, како и претставник од ЕУ кој го подвлече значењето на земјоделството во светски рамки. Во овој контекст тој истакна дека Унијата издвојува огрмни суми за развој на аграрот, посебно за поддршка на младите фармери.

Тера Мадре Балкан понуди серија конференции на различни теми: мултифункционално земјоделство, законски права на малите производители, рурален и агро туризам, маркетинг на занаетчиските производи,... Во фокусот беше меѓународната научна конференција „Фармерите на прво место“, чија идеја е поврзување, односно градење широка мрежа на академици и истражувачки институции за биодиверизтетот на храна и одржувањето на растителните генетски ресурси. 

Во рамки на конференцијата „Пристап до пазари, пристап до можности“ за примената на ЕУ регулативите за хигиена и нивното влијание врз малите производители, презентација одржа и професорката Соња Србиновска од Факултетот за земјоделски науки и храна, додека Елена Каровска од Слоу Фуд Македонија на конференцијата „Патување преку балканските сирења“, го презентираше биеното сирење, како автохтоно сирење од Македонија.

Македонската делегација на 4. Тера Мадре Балкан броеше 36 члена, од кои 15 беа производители.

Тера Мадре Балкан досега се одржуваше три пати, во Софија (2010 и 2012 година) и во Дубровник (2014 година). Како што изјави Емилија Неделковска од Слоу Фуд Македонија, не е исклучено следното издание да биде во Македонија.

Зад манифестацијата стои проектот на ЕССЕДРА, кофинансиран од ЕУ, како подршка на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан преку зајакнување на граѓанското општество и капацитетите со цел влијание врз политиката и промоцијата на одржливите модели за рурален развој.

Слоу Фуд е движење иницирано од Петрини пред речиси 30 години. Вклучува повеќе од еден милион луѓе посветени на добра, чиста и т.н. правична храна, готвачи, млади, активисти, земјоделци, рибари, експерти и научници од околу 160 земји. Има мрежа со околу 100.000 членови поврзани во 1.500 конвивуми и околу 2.400 Тера Мадре заедници за храна кои го практикуваат малото и одржливо производство на квалитетна храна низ целиот свет.