Македонски народни носии од 19 век
Нашево поднебје е исклучително богато со македонски народни носии од различни етнографски целини. Грижата за нивно зачувување и презентација е различна, но се чини најголем интерес за афирмација на народните носии покажуваат ансамблите, културно-уметничките друштва и фолклорните групи.
Ансамблот „Македонија“ од Скопје, познат и признат репрезент на македонската традиционална култура, неодамна во Битола, во рамките на фестивалот „Илинденски денови“ презентираше уште еден квалитет од своето работење, автентични македонски народни носии од крајот на 19 и почетокот на 20 век или, како што вели професорот д-р Владимир Јаневски, под чие раководство ансамблот работи, тоа се најубавите носии од сите македонски етнографски целини и од нив се согледува социјалниот статус на девојките, но и невестите и младоженците, млади жени и ергени.
Домашната и меѓународната стручна јавност на фестивалот се запозна со народни носии од горновардарската етнографска целина, односно од Долни Полог, некои села под Сува Гора, Средорек, Жеглигово и Славиште, потоа Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, но и други етнографски целини издвоени во оваа сторија за која повремено се користи вокабулар на соодветното подрачје.
За етничкиот предел Долни Полог карактеристечен е големиот број горни облеки и секоја од нив означува различен социјален статус: саја, ќурдија, горник, клашеник, горник, салтевере и шубаре. Жените носат два типа скутини, и тоа мало скутинче над кое лабаво се опашува завјачка, носени во секој период од животот, како и невестинска скутина со мали димензии карактеристична за периодот на свадбата. Главата се покрива со фес и вотус. Под Сува Гора има пет села кои како целина се издвојуваат од останатите во околината, не само по традицијата и обичаите, туку и по народната носија. Оваа носија е карактеристична само за селата Радиовце, Милетино, Теново, Челопек и Блаце. Како прв облековен елемент се сретнува кошулата, што е изработена од бело памучно или конопно платно, и таа е богато орнаментирана со везови, посебно на долниот околен дел и на ракавите, а најпознати везови се цареј глаи, ж’лтичиња и крстови. Според тамошната традиција, под кошулата се облекува и мало кошулче направено од памучно платно. Над кошулата се облекува елек изработен од џезија, без ракави и долг до колената. Во селата Средорек, Жеглигово и Славиште прв облековен елемент во женската носија е долгата кошула со вез во долниот околен дел, на ракавите и на градниот дел. Како горен облековен елемент се појавува платнената безракавна саја, и затоа населението често жените ги нарекувало белосајки.
Во богатата колекција на ансамблот „Македонија“ – Скопје, појаснува професорот Јаневски, се и женската и машката народна носија од Скопска Црна Гора, етнички предел што опфаќа 11 села расположени на истоимената планина. Прв облековен елемент од женската носија е кошулата која изобилува со впечатлив црн вез, а на невестинската кошула често има и крстови. Скутината во Скопска Црна Гора е позната под терминот утајка, а особено е впечатлива невестинската срмана утајка. Од горните облековни елементи се појавува збанот карактеристичен за статусот на девојка, како и долама што го означува статусот на невеста. Карактеристично е носењето шикови, природни пердуви од птици обоени со црвено, и тоа го означувало статусот на вереници. Машката носија од етничкиот предел Скопска Црна Гора има сличности со машката носија од соседниот етнички предел Скопска Блатија.
Скопска Блатија ги опфаќа селата во околината на градот Скопје. Женската носија се карактеризира со кошула која кон крајот на 19 и почетокот на 20 век изобилува со богата орнаментика. Според везот, познати се повеќе видови кошули, и тоа: јурмена, саани, кондири, ѓерѓевлија, како и невестинската гуевалница кошула уште позната под термините црнетица или црногорка. Како постар тип горна облека се јавува платнената девојачка или невестинска саја. Прв облековен елемент во машката носија во Скопска Блатија е кошулата позната под терминот ајта, која има карактеристично проширување од страните, а како горна облека се појавува и елекот. Елекот е горна безракавна облека долга до половината. Се изработува од волнен материјал. Во делот на градите елекот е богато украсен. Но, како горна облека за празнични пригоди се носи и џубето. Џубето е без ракави, долго до колената, до струкот е припиено за телото, а надолу проширено. Џубето е украсено по рабовите со црни гајтани. На главата мажите носеле црно плитко капче, а на нозете носеле чорапи во богата орнаментика и опинци.
Дебарско-реканската етнографска целина зафаќа неколку етнички предели, односно пределот Мијаци Река, кој ги опфаќа селата околу реките Радика и Мала Река. Населението во овие села се идентификува со етнонимот Мијаци. Во женската носија како прв облековен елемент се појавува минтанот како допојасна долна облека со долги ракави. Следен облековен елемент е кошулата, со специфичен вез чикме во долниот околен дел и впечатлив ракавен вез со специфична локална терминологија кинатица. Од повеќето типови кошули најпозната според везот е венчалната невестинска кошула позната и како тнока кошула. Од горните облеки кои се носат над кошулата се јавува елекот. И во составот на машката носија влегува кошулата. Над неа се облекува минтан, кој е долг до појасот со долги ракави изработен од клашна или свита, односно чоја. Карактеристичен дел од машката носија се бечвите, изработени од бела клашна. Бечвите се украсени со црни гајтански апликации. Половината се опашувала со појас еднобоен или со шарки во каро-комбинација, а на горната празнична облека се ставала долама. Над доламата се носи кепе, горна допојасна облека изработена од клашна. Главата се покривала со карактеристична плитка округла капа.
Во колекцијата со народни носии на ансамблот „Македонија“ – Скопје се чуваат женски носии од Дебарско Поле, од Порече, кое се наоѓа во средниот тек на реката Треска, потоа од струшки Дримкол, каде што женската носија изобилува со богата везбена орнаментика на ракавите. За избраната, но не и селектирана фотоархива од 20-те колекции македонски народни носии интересени се носиите од етничкиот предел Бојмија, кој ги опфаќа селата во околината на градот Гевгелија. Прв облековен елемент во женската носија е кошулата. Над кошулата се облекува антерија. Антеријата е изработена од волнена ткаенина алаџа, со долги ракави, во горниот дел тесна, а од половината ѕвонесто проширена. Половината се опашува со појас. Над антеријата се облекува елече, допојасна облека без ракави. Скутините може да бидат во два вида, и тоа: дипла изработена од една дипла и дводиплена скутина позната како ирам. Една од највпечатливите скутини е крстаклијата дипла. На половината се ставаат ризи, везени марами, како и пафти со забележлива локална терминологија – пулои. Покривањето на главата е впечатливо во периодот на невестинството, прво се поставува фес, а над него тепелак, кој се кити со цвеќиња и пердуви.
Ревијата на народни носии што премиерно беше изведена на последното издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ понуди и прекрасни народни носии од јужномакедонската, како и шопско-брегалничката етнографска целина. Колекциите се вистинско богатство за ансамблот „Македонија“ – Скопје, но и повеќе од тоа. Причина повеќе наскоро на друго место да биде приредена уште една, и уште една ревија на македонски народни носии.
Марјан Танушевски/МИА
Ново на Сител
-
18-годишник се здобил со тешки повреди откако со возило излетал од патот кај Гостивар
-
Фатен бегалец од затвор
-
ЈОРСМ: Преземени сите списи во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во „Таргет-Тврдина“
-
ССМ: До крајот на годината работодавачите да исплатат К-15, право загарантирано со ОКД
-
Судски совет: Нема наредба за претрес, соработуваме со ОЈО Скопје
-
Мицкоски: Борбата со криминалот подолжува, се работи на десетици случаи
-
Над 900 производи во „Новогодишната кошница“
-
Франција доби нов премиер